Како на претходните средби, така и вечерва резултатот го отвори Андреа Лекиќ, но гостинките од Хрватска не потпаднаа на атмосферата во Јане Сандански и играа егал во првите 20 минути.
Толку време им требаше на црвено-црните девојки да го скршат отпорот на Подравка и со вториот гол на Андреа Кликовац прв пат да поведат со три гола предност (9:6). По тој напад, Суслина одбрани пенал, а Сираба Дембеле реализираше за 10:6. Со брзи контри, избраничките на Индира Кастратовиќ на полувремето отидоа со водство од 15:10.Квалитетот на Вардар до израз дојде во второто полувреме, кога со посигурната одбрана и поефикасен напад се одлепија на 31:19, водство за кое најзаслужни беа Андреа Пенезиќ и Сираба Дембеле со по 4 гола. Високата предност беше доволна, Кастратовиќ да им даде предност на помладите ракометарки, а шансата ја искористија Драгана Петковска со 3 одбрани и Симона Стојановска, која даде 2 гола на своето деби во Лигата на шампионите.
По оваа победа, ракометарките на Вардар имаат 3 триумфи и 1 пораз и обезбедија пласман во следната рунда, каде друштво ќе им прави и Будуќност Подгорица. Во следното коло, на 16-ти ноември (недела), скопскиот тим го пречекува токму црногорскиот состав.