Колегите од Гол.мк пренесоа сторија во два дела на германскиот новинар Саша Штат кој преку фотографии и сведоштва, пишува за еден незаборавен натпревар одигран во салата Младост во Битола.
Се работи за реванш полуфиналето од Купот на Куповите на победниците меѓу Пелистер и Лемго, одигран на 30 март 1996-та.
Го решил капитенот на бундеслигашот Френк Циглер кој во последните мигови од средбата го елиминирал Пелистер, но го активирал вулканот во битолскиот ракометен храм по што настанал хаос.
За тоа најдобро сведочи еден од актерите на гостинскиот тим, Даниел Штефан.
„Кога пристигнавме таму салата веќе беше полна. Имаше речиси 7.000 навивачи внатре и уште 10.000 надвор. Одеднаш настанаа проблеми со теренот, па стартот се одложи. Ние не чувствувавме страв пред натпревароти сакавме само да победиме.Одигравме лош натпревар во првите 45 минути. Потоа се вративме, а Ласло Мароси беше грубо фаулиран, беше покажан црвен картон и ние добивме уште една шанса. Јас му ја додадов топката на Волкер Зербе, овој додаде до Френк Циглер, кој успеа да реализира.
Одеднаш, наместо крај, на семафорот стоеше 59:30. Но, по неколку минути разговор судиите одлучија дека натпреварот е завршен. И тогаш започна хаосот. Навивачите фрлаa со столчиња по нас и со секакви други предмети. Судиите беа нападнати, нашите новинари беа нападнати во „карате стил“, се слушаа врисоци насекаде. Истрчавме во соблекувалната и се заклучивме внатре.
По половина час, еден од судиите помисли дека е време да ја отвориме вратата. Но, штом го направивме тоа, видовме само тупаници, па повторно заклучивме. Помина одреден период кога полицијата тропна на вратата и ни помогна да заминеме во хотелот. Не можев да спијам цела ноќ и бев среќен затоа што заврши кошмарот“, раскажува германскиот ракометар.
Еден од судиите на тој меч бил Фриц Рудин, кој признава дека никогаш повеќе не искусил такво нешто.
„По конечниот гол, одеднаш часовникот беше преместен назад за 30 секунди. Разговаравме со делегатот и тој нè извести дека домаќините користеле копче под записничката маса за да го вратат времето назад. Одлучивме дека мечот заврши, но моравме да спасуваме живи глави, бидејќи тие полудеа. Моравме да трчаме кон соблекувалната, а подоцна полицијата нè донесе во хотелот. Никогаш повеќе не искусив такво нешто во кариерата.
Кога ЕХФ сакаше да победи одреден тим, испраќаше судии од источна Европа. И за реваншот тие испратија судии од Данска или Швајцарија. Така, ЕХФ успеа да влијае на исходот на натпреварите. Тоа беше отворена тајна“.
Фото: Jörg Hagemann