Неуспешните настапи на Европски првенства во олимписка година веќе им прејде во навика на француските ракометари. Доволно е да се каже дека на почетокот на еден четиригодишен циклус „триколорите“ ниту еднаш не освоиле континентален шампионат. А медал освоиле само еднаш и тоа бронза во 2008 година.
„Експертите“, како француската јавност милува да ги вика шампионите кои ја одбележаа претходната деценија во ракометот, обично после пад на континтентален турнир, блеснуваат на Олимписки игри.
Во 2015 година Франција владееше во светскиот ракомет, тогаш беа актуелни Олимписки, светски и европски шампиони. Сега од таа сјајна генерација не остана ништо.
Ситуацијата е иста како и во францускиот женски ракомет кој како да се распадна во меѓувреме, иако ја чува европската титула.
Заслужните ветерани од претходните битки, Никола Карабатиќ, Микаел Гигу, Лук Абало и Венсан Жерар на мечот против Норвешка пружија максимум. Но овој максимум е понизок отколку пред две-три години и тоа е објективна реалност која никој не ја спори.
Талентираната младост на Франција покажа дека морално не е спремна да преземе голема одговорност.
Против Норвежаните (слатко им возвратија на Французите за поразот во финалето на Светското првенство 2017 во Париз), на нивото на „галските петли“ од златните времиња одигра само Лудовик Фабрегас. И покрај блескавата игра на Сандер Сагосен и Торберн Бергеруд, Фабрегас со цело право заслужи да го добие признанието МВП на мечот.
КОЈ ОД КОЈ ВО ПОСЛАБА ФОРМА, ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕВРО СИ ОДАТ ДОМА ПОСЛЕ ПРВА ФАЗА
На дербито од првата фаза меѓу Норвешка и Франција, Недим Ремили се огласи само на крајот кога веќе беше доцна. Роман Лагард грешеше во клучните моменти, Елоим Пранди имаше 1 од 6, Дика Мем 0 од 4 (јавно го критикува цела француска јавност за очајната форма), Мелвин Ричардсон не се ни виде на паркетот.
Статистиката на Французите во целост кажува како играле: 6 од 21 гол од 9 метри и 13 технички грешки. Со ваков учинок да се победи Норвешка на нејзин паркет е незамисливо.
#EdFM
— Equipes France Hand (@FRAHandball) January 12, 2020
🏟 C'est fini à Trondheim
➡ France 26 🇫🇷⚡🇳🇴 28 Norvège
L'équipe de France s'incline et quitte prématurément la compétition.#BleuetFier #Dreamwinremember pic.twitter.com/YYFdon0lGD
Баланс меѓу надарената младост и искусните волци нема. Се поставува прашањето кој требаше да го воспостави тој баланс?
Селекторот Дидие Динар мораше да направи радикална тактичка промена иако замислата за 3-2-1 во одбрана им донесе мала предност во првиот дел. Тоа што Динар ги изгуби конците се виде кога Франција принудно заигра „7 на 6“ во последните минути.
Француската ракометна репрезентација долго време важеше за стабилна селекција во која ништо не треба да се менува, но Европското 2020 покажа дека сојузот веројатно ќе треба нешто да преземе иако ништо чудно Динар да остане селектор.
„Триколорите“ се уште не се пласирани на Олимписките Игри во Токио 2020, а за тоа ќе имаат шанса на домашен турнир кој ќе се игра во нивната земја со две европски земји за противник.
Од 2001 година па наваму Франција освои две злата на Олимписки Игри, пет пати беа светски шампиони и три пати европски прваци. Олимписко злато освоија во Пекинг 2008 и Лондон 2012, имаат шест светски злата од кои пет се во 2001, 2009, 2011, 2015 и 2017 година, а на европскиот врв се качија во 2006, 2010 и 2014.