За Вардарци денешното гостување во елитата му го донесе четвртиот пораз во низа, а тоа значи продолжување на кризата во која се наоѓа актуелниот шампион на Европа.
Новиот тренер Стевче Алушовски не успеа уште на деби мечот да направи изненадување на тешко гостување против Бундеслигашот кој е лидер во Б групата.
Вардарци беа солидни во првиот дел и на пауза имаа негатива 18:14, но во последните 15 минути од мечот им се случи комплетен распад. Домаќините само ја зголемуваа предноста за на крајот да слават со 34:23.
Криштопанс беше најефикасен кај македонскиот тим со 6 гола, Стојанче Стоилов постигна 5, а Дибиров заврши со 4. Една од клучните фигури кај домаќините беше Ландин со вкупно 14 интервенции.
Ова е втор пораз сезонава на Вардар од Кил со 11 разлика. Во Скопје во октомври конечниот резултат беше 20:31. Германскиот состав има 18 бода, а Црвено црните останаат со 9 на шеста позиција.
На 15 февруари во Јане Сандански го пречекуваат Мотор Запорожје.