И додека она палење на клупско ниво од Келн минатата година го ставивме под “се е тоа нормално“, бидејќи во Вардар и покрај недоразбирањата и пролевањето на шампионската екипа, огнот се уште гори - што е со националниот тим кој ја победи бронзената селекцијата од Светското прввенство?
Сепак Шпанецот не мора да ги запали момците кои носат црвени дресови. Тие горат сами од себе. Уште во Катар пред три години главите им беа во колена, кога го најавуваа крајот. Неиграњето во Рио им беше нокаут и “крај на една генерација“, а потоа одиграа просечно Светско првенство во Франција, каде Словенија ги почести со 29:22, доказ дека се лимитирани.
И сега бришете го последниот пасос. Кире и Аце играат во 38-ма година, Борко со 36, Жути со 35 турка во неговиот познат стил „не е важно колку пати си паднал, туку колку пати си се вратил“.
Репрезентацијата не им треба повеќе ниту за договори, ниту за слава. Може само да им го загрози здравјето и кариерата. А како ја играат оваа игра на работ на жилетот? Играат за да се наежиш. До крај, без компромис. Кадарот на 35 секунди до крај кој го фаќа Јоноски како мижи со рацете преку лице, може да го замени целиот овој текст.
Кога би знаел да зборува, што мислите, што би рекол денес грбот на Стојанче Стоилов? На него се качи пола Словенија. Погледајте ги модриците што ги доби од Благотоншек (Благ - каков парадокс на прекар), Жабич, Сухолезник, Мачковшек. Истовремено беше болно и спектакуларно. Беше црвен во лице како да му беше устата полна со љути пиперки, а носот му ги допираше колената.
„Ако на овој Столе еден ден му здосади од ракомет, може слободно да се пријави за Стронгмен, да влече камиони од место со сајла преку грб и да трча со гуми од трактор“, беше првата порака која ја добив после мечот во Загреб од еден пријател, кој не се разбира од ракомет, но го допре се она што го виде во дуелот меѓу Македонците и Словенците.