Македонија во Катар одигра шест меча, победи на четири, загуби два и оствари гол разлика 181:168 (+13). Најдобар стрелец во нашиот тим беше капитенот Лазаров со 45 голови. По него следуваат Манасков 25, Георгиевски 24, Миркуловски 20 и Стоилов 18. Најмногу беа исклучени Јоновски и Марковски, вкупно 16 пати, Ацо девет и Велко седум пати.
Нашата селекција на Светските првенства најмногу голови прими и даде во Хрватска 2009 година, но таму одигра девет меча. Тоа беше последниот Мундијал кога се играше по стариот систем кога повторно се формираа групи по завршувањето на првата групна фаза и кога сите репрезентации со исклучок на полуфиналистите разигруваа од петтото до последното 24 место.
Македонија победи на четири средби и забележа пет порази, а во борбата за 11-место, беше подобра од Јужна Кореја со 32:21. Мрежите ги затресе 309 пати, а прими 322 голови. Кире Лазаров постигна рекордни 92.
На минатото Светско првенство во Шпанија 2013-та, македонската репрезентација заврши на 14 место. Имаше скор од 2 победи, едно реми и три порази, а настапот го заврши со пораз од Германија во осминафинале. Гол разликата беше 165:171.
Најслабиот и најнеефикасен турнир им беше првиот во Египет 1999, кога остварија само една победа, а ги загубија сите останати четири меча. Тоа беше најслабата гол разлика од (-27), односно 122:149.
Според новите правила кои почнаа од Мундијалот пред две години, Македонија нема да разигрува за места кои водат под осумте најдобри селекции, туку селекциите од 9 до 16 ќе се рангираат според оствареното во групната фаза против екипите кои ги освоиле првите четири места.
Првиот критериум е бројот на бодови, потоа гол разликата, а доколку и тоа не е доволно израмнетите селекции по овие два критериума ќе се споредуваат по бројот на голови кои ги постигнале.
Освен од Франција и Данска кои денеска се фаворити против Аргентина и Исланд, нашиот национален тим е подобар од сите останати елиминирани осминафиналисти, како оние кои играат денес. Тоа значи дека доколку денеска не се случи изненадување, Македонија ќе заврши како 9-та селекција во светот што е најдобар пласман на досегашните четири учества на континентални собири.
Последната шанса за посакуваното дебитантско учество на Олимписките игри ќе може да го бркаме преку Еврошампионатот во Полска кој се игра следниот јануари. Условот е да бидеме една од двете најдобро пласирани селекции, зад оние кои веќе ќе го имаат обезбедено учеството.
Во Рио ќе се натпреваруваат вкупно 12 ракометни земји. Директниот пласман е загарантиран за домаќинот Бразил, Светскиот првак од СП Катар, Европскиот од Полска 2016-та, како и прваците на Пан-американските игри во 2015 во Торонто, Шампионатот на Африка во 2016 во Египет и на Азискиот квалификациски турнир.
Останатите шест учесници ќе бидат познати на квалификацискиот турнир кој се игра на пролет идната година.