
Попладнево во 15:30 Македонија ќе го одигра четвртиот натпревар на Мундијалот кој се игра во три земји. За разлика од првите три меча во првата групна фаза кога македонските ракометари играа во вечерни термини, овојпат ќе мора „да се разгибаат“ многу порано зошто дуелот со Австрија е пладневен.
Селекцијата на Кире Лазаров беше аутсајдер на првите два меча против Унгарија и Холандија, против Гвинеја беше тотален фаворит. Денес според обложувалниците Австријците имаат блага предност, па коефицентите за нивна победа движат од 1.80, 1.85 до 1.90. За триумф на Македонија квотите одат од 2.30 до 2.40.
Австрија во оваа фаза пренесе 2 бода а Македонија 1 бод. Австријците го совладаа Катар 28-26, изгубија од Франција 35-27 а го совладаа и Кувајт 37-26.
Австријците беа голем хит на Европското првенство минатата година кога ја елиминираа Шпанија од првата фаза, а одиграа нерешено против фаворизираната Хрватска.
Словенецот Алеш Пајовиќ е селектор на Австрија веќе неколку години и најзаслужен за одличните резултати на земјата која порано не блескаше на ракометните паркети.
Австријците на ова Светско се со шест бундеслигашки играчи од најсилната лига на светот, но без еден од најдобрите нивни играчи, левиот бек на Кил Никола Билик кој е повреден.
Меѓу главните носители на игра им се голманот Констатин Местл од Лемго кој блескаше на Европско лани и Себастијан Фримел од ПИК Сегед, инаку прв стрелец за ривалот на Македонија во досегашниот тек од Светското.
Меѓу останатите стандардни се уште и Лукас Хербургер од Фихсе Берлин, Елијас Кофлер од Постдам, Лукас Хутечек од Лемго и пивотот Тобијас Вагнер од Ерланген.
За Австрија играат уште и Немања Белош, Борис Живковиќ и Јанко Божовиќ.
Во првиот дуел на Мундијалот, против Кувајт (37-26) речиси сите играчи на Австрија се запишаа во листа на стрелци. Најефикасни беа Себастијан Фримел, Борис Живковиќ, Дамбок и Вагнер со по 5 гола, а по 4 дадоа Мар и Ниг.
Во триумфот против Катар кој беше потешко извојуван, Фримел постигна дури 9 гола па јасно е дека од него ќе доаѓа најголемата опасност по голот на Македонија.
Против Франција која беше апсолутен фаворит, Австрија изгуби со 8 гола разлика (35-28). На овој натпревар Себастијан Фримел постигна 5 погодоци, а по 4 дадоа Вагнер, Немања Белош и Кофлер.