Македонија вечерва играше за Гоце Георгиевски, крилото кое за последен пат го носеше црвено-жолтиот дрес и кој реши да замине во репрезентативна пензија. Во негова чест на паркетот против ракометарите на Турција најмногу блескаа Марко Митев и Мартин Томовски кои ја направија доволната разлика за нов триумф на Македонија.
Заслужено, пред почетокот на дуелот луѓето од РФМ му врачија дрес на Гоце Георгиевски а полната сала со големи аплаузи го испрати крилото на Вардар.
Турција, која немаше што да загуби на мечот во Скопје, реши да игра со отворен гард и тоа им носеше резултатски егал во текот на голем дел од натпреварот.
Првпат Македонија замина на +3 гола предност 7-4 благодарение на голманот на Вардар Мартин Томовски кој „спушти ролетна“ за гостите.
Македонските ракометари водеа и 10-7 но тогаш гостинскиот селектор повика тајм-аут и како да ги размрда своите пулени кои се вратија на 10-9.
Голем пех за нашата репрезентација беше повредата на Филип Кузмановски кој мораше на носилка да го напушти паркетот на седум минути пред крајот на првиот дел.
Каракоч и донесе 13-13 на Турција, Серафимов и Талески со убави голови погодија за 15-13 но гостите инаетливо решија на полувреме да заминат со реми 15-15.
Во вториот дел Турците се разгоропадија и тргнаа со неверојатна серија од три гола со која се одлепија на 15-18. Македонскиот селектор Кирил Лазаров тогаш повика тајм-аут, помалку бурно и оправдано жестоко реагираше па тоа ги разбуди македонските ракометари.
Неочекувано, гостите водеа се до 42. минута од мечот кога Македонија конечно се приближи на гол негатива (20-21), што беше најава за нова офанзива.
Јагуриновски и Митев беа клучни играчи во тој дел од натпреварот, а Мартин Томовски блескаше со дури 15 одбрани. Нашите најдобри ракометари поведоа на пет минути пред крајот (26-25).
На крајот и Гоце Георгиевски од пенал реализираше гол кој ќе го памети уште долго, а Македонија заслужено славеше 30-27 и обезбеди сигурен пласман на Евро 2024 во Германија.