Македонија подобра од Австрија

Во првиот натпревар од баражот за пласман на Светскиот шампионат, македонската машка ракометна репрезентација ја совлада Австрија со 26:21. Според прикажаната игра во првото полувреме победата можеше да биде и поубедлива, но падот во играта во вторите 30 минути на крајот беше клучна за триумфот, кој се уште не ни гарантира дека ќе биде дел од ракометниот Мундијал.

Почетокот на нашиот тим беше извонреден, поведовме со 5:1 и во продолжението од првото полувреме постојано одржувавме водство од пет до шест голови. Во 26-тата минута нашите ракометари поведоа со 15:7, но во завршницата противникот направи серија од 3:1 и на одмор се замина со водство од 16:10.

Во првото полувреме игравме одлично во одбрана, противникот го принудивме да прави голем број на грешки и овој сегмент од мечот, Австрија имаше осум загубени топки, а нашите голмани имаа идентичен број на интервенции.

Сепак во второто полувреме следуваше пад во играта, а тоа го искористија гостите и во продолжението беа рамноправен противник.

И покрај лошата реализација, бројот на технички грешки на противникот ни овозможи во 38-та минута повторно да стигнеме со предност од осум погодоци, кога на семафорот стоеше резултатот 22:14.

Во завршните моменти од мечот влеговме со водство од 26:20, а конечниот резултат го постави Роланд Шлингет со гол во последната секунда.


"И пред почетокот најавивме дека ова ќе биде тежок натпревар. Почнавме добро имавме контрола врз играта и резултатот, но според мене можеше да играме подобро во нападот каде правевме многу грешки. Сепак и покрај се задоволен сум од играта, успеавме да обезбедиме предност и сега ќе се обидеме да победиме и во реваншот бидејќи само така можеме да бидеме сигурни во пласманот на Светското првенство", изјави селекторот, Шундовски.

За разлика од претходните натпревари на овој меч видовме еден новитет во играта на нашиот тим. Во моменти кога противникот имаше играч помалку, нашиот тим атакуваше со двајца кружни напаѓачи и во најголемиот дел од случаите успеавме да постигнеме гол, но во второто полувреме имавме проблем кога противникот играше "фластер" на двајцата бекови, а ние останавме без одговор.

Во нашиот тим најпрецизни со по пет гола беа Кире Лазаров и Владимир Темелков додека по три пати во листата на стрелците се впишаа Стојанче Стоилов и Стевче Алушовски.

Во репрезентацијата на Австрија, најпрецизен со пет гола беше крилото, Раул Сантош.

9 јуни 2012 - 20:23