Селекторот Кире Лазаров пред мечот со аутсајдерот Гвинеја наместо Марко Митев го стави во составот дебитантот Карасманакис. Ротираше предводникот на Македонија па Кизиќ започна на голот а во улога на главен разигрувач беше Ѓорѓиев.
На стартот се играше гол за гол а првпат поведовме во седма минута 2-3 со голот на Милан Лазаревски. Набрзо следуваше период на промашени зицери на Маркоски и Пешевски па не се одлепивме брзо резултатски. Напротив, Гвинеја во 19' минута поведе 6-8 но капитенот Кузмановски и Ѓорѓиев стрелаа за ново водство на македонскиот состав.
Највисока предност Македонија стекна во 27' минута кога на семафорот имаше +5 а на паузата ракометарите отидоа со позитива 14-10.
Во вториот дел Кузмановски и Милан Лазаревски одново беа ударни тупаници во нападот па Македонија во 39' минута имаше огромни 20-11 и победникот веќе беше решен. До крајот прв гол на големите натпреварувања даде и дебитантот Валентин Карасманакис.
Конечни 29-20 за Македонија која со оваа победа оди во следна фаза. Најефикасен беше капитенот Кузмановски со 12 гола, Костески постигна четири а Марко Кизиќ имаше дури 15 одбрани. Кај Гвинеја прв стрелец беше Лилијан Паске со три погодоци а голманот на ривалот Рубенс Пјер запиша 14 интервенции.
Во понеделник нема ракомет на програмата на Мундијалот а во вторник Македонија ја започнува втората фаза против Австрија која е далеку пореномиран противник од вечерашниот ривал.