Како и пред секое големо натпреварување, најпознатата вебстрана за ракомет Handball-Planet.com го даде своето предвидување и за Европското првенство кое од денес до 16 декември ќе се одржува во Србија.
Според нив, за врвот ќе се борат Франција, Норвешка и Шпанија, а Македонија е сместена во групата на аутсајдери заедно со Хрватска, Чешка и Исланд. Нивното предвидување е дека нашата репрезентација нема да ја мине ни групната фаза.
Со констатацијата дека Македонија е аутсајдер се согласуваат и кладилниците. Според нив, коефициентот дека нашата репрезентација ќе биде елиминирана уште во прелиминарната рунда изнесува 1,55.
Најголеми шанси за освојување на Европското првенство според кладилниците има Норвешка (коефициент 3,1), а следат Франција (3,9) и Русија (8). Коефициентот дека Македонија ќе го освои Европското првенство изнесува 101, а од нас послаб коефициент имаат само Украина (201), Чешка (501) и Исланд (501).
Во втората фаза ќе се пласираат трите првопласирани репрезентации од четирите групи, а таму ќе се формираат две групи со по шест екипи. Ако Македонија успее да се пласира во вториот круг, ќе игра во групата со трите првопласирани од групата А каде се Норвешка, Србија, Украина и Чешка.
Во полуфиналето ќе се пласираат двете првопласирани репрезентации од групите од вториот круг, а финалето е закажано за 16 декември.
Група Б:
4 декември:
Македонија – Франција (18:15)
6 декември:
Македонија – Шведска (18:15)
8 декември:
Македонија – Данска (20:15)