Колку успеа да го пренесеш искуството во Алкалоид и Македонија собрано од врвни тренерски имиња како Талант Душебаев, Хавиер Пасквал па до Лино Червар?
Тоа е големо искуство. Треба да се учи, да се читаат книги, но пракса е пракса. Тоа го научив од Червар, како и многу други работи. Многу го ценам и го сакам. Поминав многу и бев дел од тренажен процес на еден Пасквал, Душебаев, Червар кои секогаш имаа големи амбиции. Тоа многу ми помогна. Кога работев со нив, гледав, анализирав и запишував многу. Некои работи ми останаа во глава. Многу од тоа пренесувам и ќе пренесувам и во клуб и во репрезентација. Се разбира дека тоа не е доволно. Како и сè во светот и спортот и ракометот еволуираат и треба да се оди напред, има новитети кои треба да се пратат. Но важно е дека ја имам базата од најдобрите.
За почетоците во Св. Николе
Ние немавме сала и почетоците ми беа на отворено на бетон. Тоа беше мал терен со мали димензии и не го цртавме голот по должина, туку по ширина за да може да тренираме на еден гол. На почеток играв кошарка, бидејќи за ракомет треба да собереш 14 души, а баскет може да се игра и еден на еден. Играв и во македонска лига во младински категории против Владо Илиевски кога играше за Струмица. Но татко ми ме водеше накај ракометот, па дури и заигравме заедно. Во тоа време како млад можеше да бидеш регистриран во две екипи, но не во иста лига. Така што на 15 години играв за Пелистер и во сабота татко ми после натпревар ме земаше со кола и одевме во Св.Николе за следниот ден да настапиме заедно за мојот матичен клуб Овче Поле во втора лига. Он беше лев бек и бидејќи беше во години и доби на килажа, се префрли на пивот.
Дали кошарката со тренинзите и движењата влијаеше на твојата кариера?
Мислам да. Ако сакаш да видиш кај млад играч дали е талентиран, тогаш за загревање му даваш да игра кошарка. Ако не знае да игра кошарка, тогаш поголем е процентот дека нема да успее. Кошарката е многу убава и интелигентна игра. Игравме многу како деца и мислам дека со мојот стил на игра уфрлував елементи од кошарката.
Лино Червар?
Јас го сакам Лино, тој тоа добро го знае, но можам да кажам дека не е лесно со него, но не е лесно ниту со мене. Многу ми помогна. Паметам и добри и лоши работи од времето кое го поминав со него во два наврати, но кога бев во играчка кризам, мислам дека беше човек со мене. Знаеше да ме викне кај него дома заедно со неговата сопруга каде разговаравме, затоа што бев млад играч. Тој сака многу да анализира и да зборува, некогаш и премногу. Во секој случај тој е позитивна приказна во мојата кариера и еден моите најдраги тренери.
Најлош пораз во кариерата?
Играме со Барселона полуфинале на Ф4 против Фленсбург и до 54-та минута водиме +6. Тренерот почна да менува играчи и да ги чува за финале. Германците успеаа да не стигнат и да израмнат во последна секунда, а потоа да не елиминираат во продолженија. Веќе се видовме во финале, но во секунда се променија работите. Следната година на ладно дувавме и убедливо освоивме ја ЛШ.
Зошто никогаш не заигра во Германија?
Додека играв во Загреб имав понуда од Рајн Некар Левен, а и управата на Загреб сакаше да ме продаде таму, но јас инсистирав на Сиудад Реал, бидејќи Талант Душебаев беше заинтересиран за мене и сакав да одам во Шпанија. Не дека не сакав да одам во Германија, имаше уште неколку прилики, но едноставно не се поклопија работите. Кога си заминав од Барселона, ги ставив на вага Германија и Франција и повеќе бев заинтересиран за Германија, беше Берлин во прашање. Но на крај Нант до толку гризеше и до толку беше заинтересиран, си реков ајде да пробам. Иако ми беше чудно. Инаку претходно не сум го следел Нант и општо слабо пратев француско првенство.
Потценувањето на Нант и француската лига
Првата година не поминав добро играчки. Ја потценив лигата и сакав да останам во Барселона и после тоа ми падна малку мотивацијата. Преку лето секогаш се спремам со кондиционен тренер, а тогаш малку се запоставив, си реков тоа не е Барселона, туку Нант и ќе се снајдам со искуство. Но се зезнав и ми требаше малку време да се освестам. Имаше една мала група на играчи што не ме сакаше, но вината беше и кај мене. Потоа почнав од почеток, се освестив, почнав сам да тренирам и потоа излезе таа перфектна приказна. Потоа и тие како најголеми непријатели, ми станаа пријатели и ден денес си праќаме пораки. Сфатија дека не заминав само колку да поминам добро материјално, туку и да оставам нешто и за себе и за клубот. Два пати стигнавме до Ф4 во ЛШ и со тоа испишавме историја.