Капитенот и селектор на македонската репрезентација Кире Лазаров вечерва го запиша јубилејниот 250. настап во елитната Лига на шампиони и се искачи на прво место на вечната листа.
Кире Лазаров покрај големиот историски успех на дебито против Данска, оваа година ќе ја памети и по неверојатниот триумф со неговиот Нант против Кјелце во 1/8 финале на Лига на шампиони.
Полскиот гигант го доби првиот меч во Франција 24-25, а вечерва среде Полска Нант направи сензација и славеше 31-34 со што влезе во четвртфиналето. Нашиот најдобар ракометар на сите времиња постигна 4 гола и имаше огромен удел во финишот кога се кршеше резултатот со вкупно пет асистенции за гол и еден изборен пенал.
Францускиост состав во 1/4 финале по се изгледа скоро сигурно ќе оди на Веспрем кој има +11 од првиот меч со Вардар и со една нога е во следната фаза.
Кире вечерва го мина Арпад Штербик на вечната листа ракометари со најмногу настапи во Лига на шампиони и во догледно време тешко некој да го надмине нашиот миленик.
Трето место на таа вечна листа е Тиери Омеје со 240 настапи, Никола Карабатиќ е четврти со 237 натпревари во Лига на шампиони, Јонас Калман има 225, Тимур Дибиров 217, Виран Морос (215), Виктор Томас (214) итн.
Овде би требало да додадеме дека Кире ќе игра уште најмалку два меча во Лига на шампиони сезонава што значи дека ќе стигне најмалку до неверојатни 252 настапи во елитата.
Кире е апсолутен рекорден и по бројот на одиграни сезони, вкупно 20 во Лига на шампиони. Нишлијата Никола Карабатиќ има 19 сезони во најдоброто друштво.
Лазаров е број еден и на листата на стрелци во Лига на шампиони со 1.467 гола!