Храбрата Македонија до голем бод, Унгарија се спаси на крај

Во првото коло од групната фаза на Светското првенство 2025 македонските ракометари одиграа одличен натпревар и до последни секунди имаа победа во рака. Унгарија се спаси во самиот финиш. На крај 27-27 (14-14).

Пред повеќе од 2.500 гледачи во салата во Вараждин од кои повеќето беа македонски навивачи, Македонија и Унгарија одиграа натпревар за историја. Дуел кој долго ќе се памети.

Средбата започна со брза игра, со експресна транзиција на двете страни а Зоран Илиќ и Марко Митев беа први стрелци на натпреварот. Унгарците тргнаа со цврста одбрана со бедем каков што само тие можат да постават и поведоа 5-2.

Избраниците на Кире Лазаров не паднаа во тој период, напротив со головите на капитенот Филип Кузмановски и Марко Митев одржуваа резултатска близина со ривалот. Набрзо Македонија и направи пресврт па поведе 8-6 со сјајна серија.

Во 17' минута Македонија водеше 10-6 и тоа донесе ерупција на трибините каде црвено-жолтите бои доминираа од секоја страна. Селекцијата предводена од некогашниот играчки и тренерски шампион Чема Родригез искористи неколку наши технички грешки и прво намали на 9-11 а потоа и израмни. На паузата се отиде со резултат 14-14.

Вториот дел стартуваше со гол на Зоран Илиќ но Македонија возврати преку Петар Атанасијевиќ и Мартин Велковски и одново на семафорот стоеше наша предност.

Унгарија како на секој голем собир, играше грубо, валкано, на граница на тешки прекршоци. Поради еден таков фаул Сита доби црвен картон и беше исклучен откако го удри Кузмановски.

Капитенот на македонската селекција возврати со два погодоци а набрзо исклучен беше и Бенсе Имре поради удар со топка во глава кон Митревски.

Во финишот мечот донесе права драма. Се играше гол за гол, Македонија водеше, Унгарија се враќаше. Никола Марковски постигна гол на празна мрежа и поведовме 25-24, имавме тогаш и напад за +2 но поради уште една грешка во додавање ветеранот Лекаи израмни во 55' минута.

Филип Кузмановски кој мечот го заврши со дури 10 гола, постигна прекрасен погодок за 27-26 на сто секунди до крајот. Никола Митревски направи делириум во салата со фантастична одбрана и овозможи нов напад но загувиме топка а Унгарците израмнија преку Илиќ и на крајот нерешен резултат 27-27.

Први стрелци во нашата селекција беа Кузмановски кој беше и најефикасен на мечот со 10 гола а Марко Митев постигна три. Кај Унгарците Зоран Илиќ запиша шест гола а Лекаи четири.

Во петок Македонија игра против Холандија а Унгарија ќе вкрсти со Гвинеја. Во следната фаза одат три селекции од секоја група, така што на нашите момци ќе им треба минимум триумф против африканската селекција која е тотален аутсајдер на Светското. 

Грешката поради која испуштивме огромна победа

Натпреварот на кариерата на Филип Кузмановски - 10 гола на капитенот на Македонија

15 јануари 2025 - 22:07