Храбра и рамноправна Македонија, но само до 50-та минута

Македонската ракометна репрезентација како и многу пати со големите сили, покажа дрскост против Црвената фурија и најави неизвесен натпревар кој за жал не траеше до последниот свиреж на судијата. Пораз од четири голови разлика.

Две победи и два порази за избраниците на Лино Червар по четири одиграни натпревари во групната фаза на Мундијалот во Франција. Македонија се покажа во друго светло за разлика од дуелот против Словенија и влезе без притисок и со сосема поинаков пристап.
 
Македонија и Шпанија потрошија по два напади на стартот и по 4 минути игра мрежите мируваа. Избраниците на Лино Червар почнаа цврство во одбрана и направија два пенали, а на реализацијата од 7 метри на Шпанците одговорија со два гола преку пикер од убаво одиграни акции со седуммина во напад.
 
Се играше гол за гол се до средина од првиот дел кога Шпанците се одлепија и поведоа со 8:5, а тоа се должеше најмногу на искористените акции на Шпанците по одличните 6 одбрани на Варгас за 15 минути игра.
 
Нашите ракометари не поткленаа и одговорија идентично со серија од 3:0 за повторно нерешен резултат, а потоа покажаа заби и атракција против големиот противник. Македонија стигна до +2, а потоа и до +3 преку два спектакурални напади во режија на најдобриот десен бек со светот.

Двоен цепелин на Кире најпрво во соработка со Манасков, а потоа и со Георгиевски, голови за најавните шпици на Светските првенства. Македонија беше постојано рамноправен противник против двократниот Светски првак, но на полувреме не го задржа водството. 14:14 по првите 30 минути игра.
 
Во второто полувреме се држевме добро но само до 50 минута, а потоа сами си пресудивме. Нападот не функционираше и многу акции останаа неискористени, а истовремено придонесот на нашите голмани беше многу слаб.
 
Шпанија постепено се одлепуваше и во последните 10 минути имаше највисоки +6 кои беа недостижни за нашите ракометари кои на крајот загубија 29:25.
 
Утре со почеток од 17:45 го играме последниот натпревар во групната фаза против Исланд кој доколку не го загубиме, ќе останеме на третата позиција и во осминафинале ќе вкрстиме со Норвешка.
18 јануари 2017 - 22:24