Холандија пресилна за Македонија, со Аргентина ќе биде да се биде или не

Најдобрите македонски ракометари го претрпеа и вториот пораз на Светското првенство во Полска, откако вечерва многу посилни од нив беа ривалите од Холандија.

Македонската ракометна репрезентација вечерва пред бројните македонски навивачи кои отпатуваа во Полска не успеа да пружи поголем отпор против силната Холандија која на крајот славеше 34:24.

Овој пораз значи дека во последното, трето коло од групната фаза нашите ракометари ќе се борат со Аргентина за пласман во следната рунда.

Уште од сам старт Холанѓаните, кои на претходните пар големи турнири покажаа дека и тоа како напредуваат во ракометот, демонстрираа брза игра со снажни дуели и водеа од почеток до крај на мечот.

Нашиот селектор се реши за овој меч да ротира па Павле Атанасијевиќ и Давид Савревски влегоа на местата на Петров и Јагуриновски кои играа во петокот против силните Норвежани.

Младата генерација на Македонија, предводена од селекторот Лазаров парираше само во првите 18-19 минути, а потоа следуваше целосен распад во играта па Холандија направија серија која што ја одржуваше до крајот.

Нашите ракометари имаа и голем пад во концентрацијата па цели шест минути не постигнаа гол.

„Лалињата“ ги искористија сите наши технички грешки па на пауза се замина со огромни седум плус за Холандија (18:11).

Треба да се има предвид дека Холандија игра на прво Светско ракометно првенство после цели 62 години, па овој податок зачинет со нивната фантастична игра се доказ дека ракометот им е во неверојатен подем.

Во вториот дел „црвено-жолтите“ стартуваа со два погодоци и намалија на минус пет гола (14-19), а со првиот гол на Гоце Георгиевски на овој Мундијал се вративме и на -4 (16-20).

Тоа беше период кога одбраната играше добро, солиден беше фластерот над најдобриот холандски ракометар Стеинс. Никола Митревски со одбрана во еден момент им овозможи на нашите да тргнат во напад за -3 разлика но Равенсбергер му одбрани шут на Жарко Пешевски.

Ова како да влијаеше врз моралот на нашите ракометари кои како од тој момент да кренаа раце и се предадоа.

Холандија одговори на овој пад со три погодоци и во финишот отиде на 26-18, највисоки 8+ на целиот меч.

На крајот 34-24 за силната Холандија во чии редови најефикасен беше Каи Смитс со дури десет погодоци а Бајенс го следеше со седум. Стејнс постигна четири гола. Во нашиот состав Кузмановски и Пешевски по четири пати ја затресоа противничката мрежа, Костески и Манасков по три.

Кај голманите Митревски запиша шест одбрани а Томовски три.

Во последното коло од групата, Македонија игра против Аргентина во обид со победа да обезбеди пласман во следната фаза. Мечот се игра во вторник од 18 часот.

15 јануари 2023 - 19:44