Арпад Штербик дефинитивно е човек кој заслужува биста со златни букви во клупските простории на РК Вардар. Почетното водство на гостите 1-3 не го поколебаа големиот Штербик да влезе во импресивен ритам и да го диктира темпото на игра.
Само четири минути игра има требаа на „црвено-црните“ пред преполна сала да фатат приклучок и резултатски да се одлепуваат. Првиот гол на мечот за Вардар го даде шпанскиот репрезентативец Хорхе Македа.
Следеа три врвни интервенции на Штербик на голот па Иван Чупиќ, Данил Шишкарјев и Вуко Борозан го однесоа Вардар на 5-4 после 9 минути игра. Барселона извесно време не подлегнуваше на бучната атмосфера во „Јане Сандански“ но немаше каде да бега при јуришниот бран на Вардар кој со серија 5-0 замина на високи 11-6.
Одбраната функционираше добро, нападот одлично и Вардар на пауза отиде со 16-12 иако на два пати имаше позитива од 6 гола. Но таква предност Вардарци створија по само три минути игра во продолжението. Вуко Борозан и Тимур Дибиров донесоа комотни 19-13.
Момент за одбележување беше и тешкиот дуел на „тешкашите“ Ваел Жалуз и Рожерио Мораеш кој мораше да оди на клупата поради повреда. Тој момент како да и даде крилја на Барса која се врати во игра 20-16 но Вардар не допушташе влегување во неизвесна завршница и пак дојде на убедливите +6 (23-16).
Барселона заигра и со седум играчи во напад но тоа не беше добар рецепт затоа што Вардар на голот имаше бедем. Во финишот Иван Чупиќ стави точка на мечот со убав гол за 27-23 и можеше да започне славјето на големиот триумф на европскиот шампион Вардар.
Вуко Борозан даде 6 гола и беше најефикасен играч кај Вардар. Македа инспириран против гостите од Каталонија даде пет погодоци а Арпад Штербик беше играч на мечот со 14 одбрани. Кај Барса Валеро Ривера даде осум а Перез де Варгас имаше 10 одбрани. Борко Ристовски седеше на клупата на Барса и не доби шанса.
Вардар сега е лидер со 8 бода а во следното коло гостува кај Кристијанштад на четвртиот ден од ноември.