Запознајте ги Дарко-Итар Пејо, Борче и Никола. Верните навивачи на кои еден четиричасовен лет од Скопје до Мец (според гугл мапс), им се претвори во 24 часовно патешествие.
Тројцата Битолчани имале добар и едноставен план, а тоа е да се спуштат во Грција и да фатат авион за Франција за да ја бодрат македонската ракометна репрезентација почнувајќи од првото коло против Тунис.
На крај знаете што им се случи? Се радуваа заедно со навивачи на Тунис, ама за победата на Македонија против Ангола. Сторијава која ни ја раскажа Дарко е неповторлива и оди вака:
„Баравме опција со авион за побрзо да се стигни за да се губат помалку денови на работа. За да ни бидат точно деновите најдовме опција Солун - Париз ама имаше трансфер во Атина. Авионот од Солун ни тргнуваше во 05:30, а од Атина во 07:30. Тргнавме од Битола доста порано заради секој случај, односно во 00:30 а особено што беше -20 степени“.
Дефект на такси во 3 по полноќ на 20 км од Солун
„На 25км до Солун првиот проблем - ни се расипа таксито на автопат. Ниту кола да помини, а ако помини никако да застани. Тргнавме пеш према центарот со надеж дека ќе најдиме некој барем да ни викни такси, а време имавме одвај саат до полетување. Уште не сме сигурни колку среќа имавме ама од никаде се појави таксист Русин кој во колата имаше и друг патник ама не собра нас и не однесе до аеродром за да го стигниме летот“.
Дефект на авион во Солун
„Го стигнавме авионот за Солун ама тој не полета навреме оти имаше некаков дефект. Полетавме дури во 09:30 шо значеше дека веќе го пропуштивме авионот за Париз“.
Пропуштен авион во Атина
„Стигнавме во Атина околу 11:00 и не сместија на нареден лет за Париз во 16:30. Тука веќе сфативме дека ќе го пропуштиме мечот со Тунис како и дека ќе ни пропаднат билетите резервирани за воз од аеродромот во Париз до Мец“.
Пропуштен воз во Париз
„Кога стигнавме во Париз беше 57-ма минута од натпреварот со Тунис па најдовме безжичен интернет колку да го догледаме и да се израдуваме на првата победа која требаше да ја гледаме на трибини. Е после веќе немаше возови за Мец се до наредниот ден од сабајле што значеше дека ќе треба да спиеме на аеродром, а од друга страна требаше да стигниме истиот ден за да го земеме клучот од станот во Мец (станот ни беше од аирбнб), оти газдарицата немаше да биде во Мец во викендот“.
Пропуштен мечот со Тунис и извозени 350 км со рент а кар по 24 саати пат
„На крај се решивме да земеме рент-а-кар и по скоро 20 саати патување тргнавме да возиме. На крај стигнавме во Мец по точно 24 сати патување односно во станот во Мец влеговме во 00:30“.
Дарко, Борче и Никола живи и здрави ни пишаа од Мец додека седеа на најзаслуженото пиво откако патуваат за македонската репрезентација и потоа се радуваа на втората победа на Македонија. Во сала ќе бидат и за денешниот меч против Словенија.
Ова им е четврто големо натпреварување по ред кое долго ќе го раскажуваат, а по искуствата на ракометно и кошаркарско првенство, желба им е да ја бодрат Македонија и на едно големо фудбалско натпреварување, по можност да не мора да патуваа преку Солун.
Загреб 2015 - Европско првенство во кошарка
Ниш 2012 – Европско првенство во ракомет
Вараждин 2009 – Светско првенство во ракомет
Дечки, среќен пат за назад :).