
Пред натпреварот, навивачите на Ливерпул кренаа прекрасна кореографија во чест на нивниот Диого Жота и брат му Андре Силва кои трагично настрадаа во почетокот на јули во сообраќајна несреќа.
На легендарната трибина КОП имаше натпис DJ20 - иницијалите на Диого Жота и неговиот број кој Ливерпул го повлече од употреба.
На соседната трибина имаше иницијали AS30 во чест на братот на Жота, Андре Силва и неговиот број на дресот кој го носел во португалскиот клуб Пенафиел.
Семејството на Диого Жота и Андре Силва пристигнало на натпреварот и биле присутни на стадионот. Во првите минути од натпреварот навивачите на Ливерпул го скандираа името на нивниот сакан фудбалер кој даде преку 50 погодоци за црвените.
Дресот со неговото име и број е меѓу најпродаваните дресови во Ливерпул, а сите приходи од продажбата ќе одат во хуманитарен фонд по името на Диого, основан од клубот.
Ливерпул победи 4:2, а Мохамед Салах кој постигна еден од головите, го даде својот 10-ти погодок на старт на сезоната во Премиер лига и стана прв играч во историјата на ова првенство со таков учинок.
Гол и асистенција имаше и новото засилување за Ливерпул, напаѓачот Уго Екитике а по израмнувањето на гостите 2:2, резервистот Федерико Киеза повторно го донесе шампионот во водство.
Натпреварот имаше и грда сцена кога беше прекинат поради тоа што еден хендикепиран навивач на Ливерпул кој седел во првиот ред во количка, на расна основа го навредувал противничкиот фудбалер на Борнмут, Семењо. Токму овој играч постигна два гола по водството на Ливерпул и го израмни резултатот на 2:2.
Натпреварот беше во краток прекин, изгредникот веднаш бил приведен и подоцна однесен во полициска станица каде дал изјава.
Кореографија во чест на Диого Жота на отворање на новата сезона во Премиер лига имаа и навивачите на Вулверхемптон вечерва на мечот против Манчестер Сити:
🇵🇹🤝🤍 pic.twitter.com/sXgFBJyLXB
— DAZN Portugal (@DAZNPortugal) August 16, 2025