Навивачите на МЗТ со транспарент: Перо Кантиќ

Градското дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички беше за момент во прекин, поради транспарент на домашните навивачи, наменет за претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија.

На жестоката казна на КФМ, за која вчера соопшти МЗТ,  Фемили Аеродром одговорија со транспарент, наменет за Перо Антиќ.

Паролата ја извадија на вечното дерби во последната четвртина, по што судиите го прекинаа мечот кој продолжи откако транспарентот беше тргнат.

Казните се однесуваат на фотографија и текст, објавени по мечот МЗТ Скопје - Работнички, одигран на 27 септември, а изнесуваат 300.000 денари за МЗТ и две години суспензија за директорот Тони Грнчаров.

Првиот човек на КФМ не е популарен во Аеродром, а сега уште повеќе поради високите казни за Металците.

Инаку ова беше прво дерби во новата сезона кое кошаркарите на МЗТ Скопје го добија со 87:66 и со тоа стигнаа до петтата победа во низа во домашното првенство по шест одиграни кола.

Бојан Крстевски со 18 и Дамјан Робев со 16 поени беа најдобри во тимот на МЗТ, а кај гостите најпрецизни беа Џексон Пол со 13 и Недим Мустафица со 11 поени.

4 ноември 2021 - 07:42