Љубовта кон клубот често нема граници и е немерлива. Доказ за тоа е и подвигот што го направил млад навивач на Аталанта која што ја освои Лига Европа.
Италијанскиот клуб ги освои и срцата на сите неутрални љубители на фудбалот затоа што игра прекрасно цела сезона, стигна до финале на Куп на Италија и до финале на Лига Европа.
На патот до големото финале Аталанта елиминираше екипи како Ливерпул (го разби 0:3 на сред Енфилд Роуд), Спортинг Лисабон, Марсеј. А во Даблин во финалето ривал им беше најголемото изненадување во Европа сезонава, германскиот шампион Баер Леверкузен.
На навивачот на Аталанта Џанпјеро кој бил меѓу ретките среќници кои стигнале до карта за финалето, му било многу страв од летање со авион. Никако не можел да се помири и да го преброди стравот, притоа имал и проблеми со пасошот, не можел да организира лет со преседнување во Лондон, па се решил на храбар потег.
Тргнал на мотор. Никој од другарите не бил спремен да вози страшни 1.830 километри до далечниот Даблин во Република Ирска, па морал сам.
Џанпјеро тргнал од Осио Сото, предградие на Бергамо. Пратил и еден апел преку социјалните мрежи за да бара некој партнер кој би го дружел по пат, но безуспешно.
„Да се патува сам има свои предности: има време да си ги чуеш мислите, да се помолиш, да пееш... Но пред сè можеш да застанеш кога сакаш“, рекол Џанпјетро.
Првиот ден поминал огромни 700 километри што на мотор не е нималку лесно и замисливо. Застанал да одмори во Франција каде преспал.
Вториот ден поминал уште 600 километри низ Франција, сè до Шербур, во близина на каналот Ла Манш кој ја поврзува северна Франција со јужна Англија.
Џанпјеро го поминал каналот и тргнал кон ирскиот брег кај местото Рослар за што му требале цели 18 часа. „За Аталанта вредеше и плус што сакам да патувам на мотор. Уште да не врнеше... Водата што ме облеа ќе ми биде едно од најживописните сеќавања“, вели навивачот од Бергамо.
Џанпјеро во Даблин стигнал напладне на денот на финалето. По краток одмор, тргнал да го бодри својот тим. „Кој ќе ти спие сега?“, со прашање одговорил на прашањето дали одмарал.
А Аталанта му го оствари животниот сон чекан со генерации. Освои европски трофеј во Лига Европа откако со три гола на сјајниот Нигериец Адемола Лукман со 3-0 го разби Баер Леверкузен.
Враќањето во Осио Сото близу Бергамо го планира за петок. Без оглед на резултатот кој го прави ова патешествие уште пограндиозно, храбриот потег на Џанпјеро за неговата сакана Аталанта е уште еден непобитен факт за безгранична љубов кон својот клуб.