Навивачите на репрезентациите кои ќе играат на Светско првенство во Катар, ќе треба да пазат на неколку правила кои ако ги прекршат, би можеле скапо да ги чинат.
Едно од тие правила е и забранетиот сексуален однос вон брачната заедница и секс за една ноќ. Според катарските закони за прекршено вакво правило, следи седум годишна казна затвор.
ФИФА неколку пати ги предупреди сите дека правилникот се однесува на сите навивачи од каде и да доаѓаат.
„Сексот е забранет освен ако сте сопружници во брачен однос. Таму нема да има секс на една вечер. Поточно нема да има ни забава. Сите ќе мора да мислат на себе и да бидат пристојни ако не сакаат да завршат во затвор. Поточно, за првпат, во оваа година на Светско првенство, постои забрана за секс на една ноќ и навивачите ќе мора да бидат спремни на тоа“, вели извор од англиската полиција за Дејли Стар.
Англиската влада, поучена од раскалашениот однос на нивните навивачи кои едвај чекаат да побегнат од строгите закони дома за да уживаат во слободите надвор (не и во Катар), ги предупредува своите државјани дека сексот вон брак е нелегален во Катар и дека има затворска казна во траење од седум години ако те фатат. Тоа може да се намали на една година но и натаму е ригорозна казна.
Покрај ова правило, може да ви стават лисици на раце и да ве носат во притвор/затвор за разменување нежности во јавност, а хомосексуалноста како што најави и генералот во Катар задолжен за безбедност, ќе биде строго забранета и ќе води до затворски казни до седум години.
„Културата на пиење и забава по натпреварите што е речиси секаде нормално, е строго забранета. Последиците би можеле да бидат многу тешки ако ве уловат. Ова може да биде сериозно лош турнир за навивачите“.
По европските медиуми се шири и веста дека навивачите кои во Катар ќе бидат фатени како внесуваат дрога ќе бидат соочени дури и со смртна казна.
Законот број 9 од 1987-ма година во однос на трговија со дроги вели дека луѓе кои криумчарат дрога во Катар ќе бидат осудени на 20 години затвор и парична казна од 100.000 до 300.000 катарски ријали што е од 22.000 до 65.000 евра. Оној кој ќе го повтори ова дели ќе биде осуден или на смрт или на доживотна казна.