Како заврши приказната со осамениот навивач на трибини?

2020-та во суштина е чкарт година по многу основи, но не и за еден Бразилец на кој му се случи врвот на навивачките задоволства. За некој можеби ова го има само во бајките, но тој го доживеа вистински.

Тијаго Рех пред осум години беше единствениот навивач на Санта Круз против Гремио кој гостите го добија убедливо со 1:4. Фотографите веднаш ја уловија несекојдневната сцена на која тој е единствен што го бодри бразилскиот нисколигаш.

Но од тој очаен момент, на 33 годишниот навивач кој се занимава со новинарство му се случува подем во животот како на сон. Најпрво стигнал до ангажман во прес центарот на клубот, а потоа и достигнување како на филм. Станал претседател на Санта Круз.

И тука не завршува оваа неверојатна сторија. Пред неколку дена ја освои шамппионската титула во својата сојузна држава и за прв пат ќе учествува на бразилскиот куп.

Истиот тој Тијаго кој сам го гледаше понижувањето на својот тим, а потоа продолжи и да го бодри, сега како прв човек на клубот кој го носи во срцето му го донесе најголемиот успех во нивната 107 годишно постоење.

Овој до сега недостижен успех за Санта Круз чини пари, па Тијаго има нов предизвик, а тоа е како да собере 500.000 бразилски реали, што е цена за играње во куп натпреварувањето.

Тој се надева дека во испишувањето на новата историја ќе помогнат спонзори.

Плус не е од оние претседатели кои ја цицаат клупската сметка во кафана. Кај него имаме обратна трансформација.

30 декември 2020 - 15:47