Во тоа време да се носи нешто од овој бренд било исто како да се освои трофеј во еврокуповите. Благодарение на музиката и кежуалците, Stone Island длабоко навлегол во британската култура, а пред пар години ги пробил и границите на САД. Stone Island е култен бренд насекаде во светот.
КОЈ ГО ОСНОВАЛ?
Италијанецот Масимо Ости почнал да работи како графички дизајнер во маркетинг агенција. Откако успешно го воздигнал брендот на облека Anna Gobbo а претходно направил неколку маици, Ости решил да експериментира со печатење и боење панталони и јакни.
Во 1971 Ости заедно со колегата Трабалдо Тоња во градот Раварино го основале брендот Chester Perry. Седум години подоцна на барање на англиските брендови Chester Barry и Fred Perry, овие двајца Италијанци го смениле името на брендот во C.P Company.
Овој бренд постои и ден-денес а главен производ им се јакните со капи/капуљачи.
За да неговите материјали се разликуваат од другите, Масимо смислил нова технологија Garment dyeing (боење/украсување на готови производи). Во тоа време повеќе се правела облека во шарени бои, а Ости решил да зема бели и необработени ткаенини и сам да ги обработува со специјални средства и бои.
Благодарение на оваа техника Garment dyeing, гардеробата добивала необична боја и изгледала нестандардно.
Во 1973 година експериментот добива друга димензија: Масимо го најмува хемичарот Џулио Балбони и внатре во претпријатието отвора лабораторија во која се бојат маици, џемпери и јанки изработени од разни материјали (гумиран памук, платно, најлон).
„Секоја ткаенина и тип на влакно реагираа поинаку во процесот на боење. Некои беа отпорни на 8%, други само на 3%. Густите ткаенини добиваа посветла нијанса од помалку густите итн.“, се сеќаваат во C.P. Company, фирма која до денешен ден разработила повеќе од 60.000 нијанси на бои.
КАКО СЕ ПОЈАВИЛ STONE ISLAND?
Овој бренд се појавил во 1982 година сосема случајно.
Еднаш во фирмата добиле посебен материјал Tela Stello од кој обично се правеле церади за камиони.
Овој материјал изгледал интересно, но бил во чиста спротивност со стилот на C.P. Company поради што Масимо направил една мала колекција од 7 јакни во рамките на еден проект од кој за брзо се родил брендот Stone Island.
- Називот Stone Island Масимо Ости го презел од еден наслов во романот „Срце на темнината“ (Heart of Darkness 1899) на англискиот писател Џозеф Конрад.
- Логото SI е стилизирана образба на векторниот дијаграм Роза на ветровите која се користи во метеорологијата. Овој амблем симболизира љубов кон морето и вечен стремеж кон откритие.
Првата колекција јакни Stone Island била во воен, милитарен стил. Со оваа прва колекција вакви јакни Stone Island, Масимо ја реализирал својата воена фантазија од детството:
„Тој ги изучуваше униформите на специјалците и воените униформи на кој секој детал бил ставен со некаква причина, секој елемент бил функционален и немало никакви естетски украсувања. Татко ми зборуваше и дека луѓето кои се занимаваат со изучување и производство на воената униформа немаат проблем со буџетот и нив ги интересира само висок квалитет и функционалност. За татко ми тие беа идеален извор на инспирација“, се сеќава Лоренцо Ости, син на легендарниот Масимо Ости.
Ости-постариот во тоа време не се осврнувал многу на мода и стил, филозофијата на Stone Island се држела до технологијата, функционалноста и иновација. На пример јакната модел Alu C имала металик боја во внатрешниот дел со цел да рефлектира светлина, а таков ефект Масимо добил благодарение на употребата на сребрен полиуретан.
ИТАЛИЈАНСКИТЕ РЕТРО МАНГУПИ ГО ЗАНОСЕЛЕ STONE ISLAND
Брендот се појавил во право време. По економскиот бум од 1950 до 1970-ите италијанската младина имала доволно пари да пазари поскапа гардероба. Се појавила субкултура чии учесници се идентификувале преку брендови каков што бил Paninari.
Paninari се смета за прва субкултура во Италија. Италијанските парајлии кои биле вљубени во Америка, во тоа време носеле Stone Island додека возеле мопеди. Меѓу другите брендови од тоа време биле и Moncler, Versace и обувки од Timberland. Stone Island им помогнал да се идентификуваат едни со други.
Првите панинари јакни и фармерки се појавиле во Милано, се појавило и кафуле Panino cafè каде се собирале тинејџери и јаделе сендвичи (на италијански сендвич/лепче е panino).
Следбениците на Paninaro не се занимавале со политика и проповедале хедонизам. Од музика најмногу го слушале британскиот поп - го идолизирале Duran Duran. Еден од култните британски поп-групи Pet Shop Boys има и песна за панинарите.
ОД КАДЕ STONE ISLAND ВО НАВИВАЧКАТА КУЛТУРА?
Панинарите многу гледале фудбал: најмногу претставници на оваа субкултура имало во навивачките групи на Милан и Интер Curva Sud и Curva Nord. Бранот на оваа субкултура го зафатил и Рим каде се основала и групата Curva Nord - тифози на Лацио.
И АНГЛИЧАНИТЕ СЕ ВЉУБИЛЕ ВО STONE ISLAND
На крајот од 70-те и почетокот на 80-те навивачите на Ливерпул први почнале масовно да гостуваат на еврокуповите по Франција и Италија. Тие уживале по бутиците и продавниците па шопинг во локалните бутици им станал традиција.
Нив ги импресионирал стилот на италијанскита младина, па со текот на времето во Британија се оформирала навивачка субкултура - позната и како кежуал.
„Кежуалците“ не носеле, и ден-денес не носат реквизити од сопствениот клуб туку претпочитале облека од европските познати марки.
На почеток стилот на навивачите ширум Британија се состоел воглавном од тениска гардероба - спортски џемпери и јакни Sergio Tacchini и поло маички Fred Perry. Биле препознатливи по „кодекс“ на облекување.
Но во такво нешто да одиш на гостување во декември во дождливиот Њукасл на пример, не било прикладно па затоа брзо Stone Island станал водечки бренд на навивачката сцена.
CEO-то на Stone Island Карло Ривети вели дека климата е една од причините за огромната популарност на брендот во Британија: „Таму во споредба со Италија времето е ужасно. Ние добро продаваме на северот од Европа, но секако продажбата не може да оди на Блискиот Исток каде климата баш не е погодна за Stone Island.“
Фил Торнтон, поранешен хулиган и навивач на Манчестер Јунајтед, автор на книгата Casuals: Football, Fighting and Fashnio објаснува дека навивачите најмногу го ценеле Stone Island поради квалитетот.
„Повеќето луѓе не ја разбираат правилно кежуал културата. Тоа е пред сè прашање на естетика: изглед, текстура, како ти стои облеката. Повеќе тоа отколку ексклузивноста или скапата цена.“
’90-те: УШТЕ ЕДЕН БРАН НА ПОПУЛАРНОСТ НА SI
По трагедијата на „Хејсел“ во Брисел и нередите на Кенилоурт-роуд во 1985-та кога избиле страшни тепачки во Купот меѓу навивачите на Лутон и Милвол - владата на чело со „челичната Леди“ Маргарет Тачер решила да удри по маса и за најмал проблем се завршувало долги години во затвор.
Хулиганизмот се стишил, но во средината на ’90-те Stone Island повторно проникнал во мејнстримот - благодарение најмногу на епохата на британскиот поп, пред се Oasis. Основачите на групата, браќата Галахер се најпознати навивачи на Манчестер Сити и обожаваат да носат Stone Island до ден денешен.
Минатото лето Лиам Галахер на Твитер кренал тревога за некој човек што од хотелска соба му украл јакна Stone Island додека овој свирел на концерт.
Карло Ривети вели дека за популарноста на Stone Island во фудбалска Англија во 90-те, најзаслужен е Ерик Кантона. „Клучна личност стана тој фантастичен француски џентлмен. Тој купуваше Stone Island во англиските бутици и даде неколку интервјуа на телевизија облечен во нашиот бренд. Сметам дека Кантона го протна брендот.“
Во 2000-те Stone Island полека се преселил во британските гаражи и модата се сменила: се носеле црни спортски јакни, патики Nike Air Max како и некои италијански брендови.
Најголем поборник на Stone Island во фудбалот е Пеп Гвардиола (иако сега поради спонзорскиот договор на Манчестер Сити со Dsquared тој ретко носи Stone Island).
Брендот SI го носи и шпанскиот селектор Луис Енрике а тренерот на Стразбур Тиери Лоре кој неодамна го победи Тиери Анри на дебито на овој вториот како самостоен тренер е човекот кој најчесто носи Stone Island во францускиот фудбал.
Stone Island И РАПОТ
Во 2015-та, кога британскиот грајм станал светски феномен, главната ѕвезда на овој жанр, Скепт се здружил со главниот светски рапер во моментов Дрејк.
Дрејк во меѓувреме почнал да се појавува облечен во Stone Island. Во летото 2015, Дрејк го носел овој бренд на Вимблдон, потоа на концерти во Берлин, Копенхаген, Антверпен, Амстердам и Сакраменто.
На НБА натпревари доаѓал во Stone Island и во 2018-та има околу 50 фотографии на Инстаграм во гардероба од италијанската марка. Во третиот квартал од 2017-та, Stone Island за првпат влегол во Топ10 најпопуларните брендови според параметрите на Lyst Index. Lyst го анализира односот на повеќе од 5 милиони онлајн купувачи месечно. Индекс го вчитува бројот на побарувања на Google, статистика и коефицент на конверзија и продажба во целиот свет.
Благодарение на влезот на американскиот пазар и бутиците во Њујорк и Лос Анџелес, во 2017-та италијанската компанија направила обрт од 147 милиони евра што е за 35% повеќе од минатата година.
Цените на јакни на официјалниот сајт на Stone Island изнесуваат од 500 до 3.500 евра. Блузоните чинат од 183 до 543 евра а кошулите од 189 до 300 евра.
А кога ќе се сетиме дека се започнало од идејата на легендарниот Масимо Ости од еден посебен материјал за камионска церада...