Каде заврши топката од пеналот на Меси

Ако изјавата на Меси дека се повлекува од репрезентација е конечна, тогаш со топката од последниот негов шут за Аргентина ќе може да се пофали навивач на Чиле кој патувал 7.000 километри за финалето на Копа Америка.

Аргентина две години по ред го губи финалето на Копа Америка на пенали и тоа двете години од Чиле, а тоа толку беше депримирачки за Меси што веднаш после натпреварот изјави дека става крај на репрезентативната кариера.

По 120 минути фудбал првиот пенал за Аргентина го изведе тој, но топката место во мрежа ја рогна на трибина и таа топка повеќе никој не ја виде. Ја фати Педро Вазкез, 49 годишен навивач на Чиле кој работи како брокер.

Ќерка му била болна и тој не планирал да оди на финалето, но таа го натерала бидејќи не пропуштал меч на Чиле. Васкез патувал од Антофагаста, град кој се наоѓа на 7.000 километри од Њу Џерси, САД каде се играше финалето.

„Тоа беше неверојатно, тоа е божествен сон. Замислете, топката која ја шутна Меси и промаши пенал заврши кај мене. Ова е бесценето, ова не е за верување, но е вистинито“, изјави Чилеанецот кој е хит во јужноамериканските медиуми“.

Ќе каже и како ја сокрил за да не му ја земат.

„Видов дека топката патува накај нас и кога ја фатив ја замотав со чилеанското знаме, клекнав и не видов повеќе ниту еден друг пенал. Не ми ја забележаа ниту полицајците“.

„Среќен сум што Чиле стана шампион и многу возбуден што успеав да ја фатам топката. Не планирам да ја ставам на продажба, дури и ако можам да и земам милиони. Нема цена оваа топка, ќе остане во мојот дом како богатство кое ќе им го чувам на внуците“.

30 јуни 2016 - 10:56