Од управата на ФК Вардар решиле да спречат можност за било какви инциденти па затоа Јужната трибина уште денес на ден пред мечот беше поделена. Поточно целиот блок 4 од оваа трибина ќе биде празен за гледачи и таму ќе има тампон зона.
Целата заврзлама со оваа, за старите Вардарци, главна трибина започна кога раководните луѓе на клубот соопштија дека целата ќе им биде на располагање на навивачите на Фенербахче а цените за карти достигнаа и до 2 и 3.000 денари, така што љубителите на славниот клуб од Истанбул како што е редот си пазареле влезници и за Јужна, а во меѓувреме за истата трибина купуваа и навивачи на Вардар па сега во прв ред излегува безбедноста.
Генерално средбите меѓу македонската и турската репрезентација во неколку спортови минувале мирно и без инциденти па зошто сега би било поинаку. Но, од претпазливост, ФК Вардар во соработка со луѓето од УЕФА и секако Министерството за внатрешни работи ги презема сите мерки за мечот од баражот на Лига Европа да мине во најдобар ред.
Во однос на мечот, Вардар ќе го води новиот тренер Чеде Јаневски, за кого клубот успеал да издејствува административни документи за некогашниот селектор да може да го води клубот во кој играчки поникна.
Играчки Вардар ќе биде ослабен за најдобриот фудбалер летово, Бразилецот Балотели кој замина во Ал-Гарифа во Катар. Од тој трансфер Вардар инкасираше околу 600.000 евра па брзо најде и замена за центарфорот, во неговиот сонародник Итало Хозе Оливеира дос Сантош.
Фенербахче во Скопје пристигна претпладнево со речиси сите ѕвезди во екипата: Робин ван Перси, Роберто Солдадо, Мартин Шкртел, Метју Валбуена, Маурисио Исла и други. Турскиот состав доаѓа по ремито во првото коло од домашната Суперлига, на гости против Ѓозтепе.