Во средата вечер во Удине требаше да се одигра натпревар од 19. коло во Серија А меѓу Удинезе и Салернитана. Гостинските навивачи допатувале на северот од земјата, ама гостинската екипа не дошла.
Екипата на Салернитана неколку часа пред да тргне за Удине направила задолжителни тестови на коронавирус па откако неколку фудбалери биле позитивни, здравствените власти од реонот им забраниле да го напуштаат Салерно.
Мечот бил одложен од раководството на Серија А, но тифозите дознале за тоа на лице место. Најинтересно е што ги пуштиле на стадионот каде наместиле по некое знаме, пивнале по некое пиво, отпеале песна и тргнале на далечен пат накај дома.
Од Салерно до Удине има 884 километри или 9 часа со автомобил, а повеќе од 14 со автобус. Сега навивачите на Салернитана кои беа во Удине а и сите останати, се надеваат дека тоа не им беше последно гостување во Серија А сезонава, со оглед на тоа што раководството на фудбалската лига се закани дека до крајот на декември ќе го исфрли клубот во втора лига ако не најде нов сопственик. Сегашниот сопственик на клубот Клаудио Лотито е и газда на Лацио, а тоа се коси со правилникот за натпреварувања.