Германија цврсто ја чува традицијата 50+1

Во германскиот фудбал веќе одамна важи правилото 50+1, норма која што ги чува клубовите од наплив на приватни инвеститори кои би станале мнозински сопственици на штета на членовите односно навивачите.

Во правилникот на Бундеслига правилото 50+1 е речиси свето. Тоа значи дека 50%+1 од акциите мора да ѝ припаѓаат на таканаречената Eingetragener Verein, регистрирано здружение кое има демократски механизми на одлучување. Ова здружение во секој клуб е составено од членови/навивачи на клубот.

За ова правило сега се огласи и Федералната канцеларија за конкуренција во Германија која што потврди дека клубовите мора да се држат до оваа норма.

Германската фудбалска лига (Deutsche Fußball Liga - DFL) на тој начин ќе може да ја елиминира можноста за исклучоци од правилото кое што итро го искористи Ред Бул Лајпциг кој стана најомразен клуб во Германија, неретко нарекуван вештачки.

ШТО Е ПРАВИЛОТО 50+1?

Треба да се вратиме назад во 1998-ма година кога германските клубови биле непрофитни организации контролирани од членовите на клубовите. Во 1998-ма Германската фудбалска федерација решила да ги уреди нормите и да дозволи приватни инвестиции само под услов таканареченото здружение Eingetragener Verein (eV) да задржи 50%+1 од акциите односно да остане мнозински сопственик на акциите.

Со ова правило се оградиле од приватните инвеститори и оставиле навивачите, односно членовите на клубот да имаат одлучувачка моќ.

На пример во Баерн Минхен Eingetragener Verein (eV) поседува дури 75% од акциите, а гигантите Адидас, Ауди и Алијанц држат секој по 8,83% од акциите.

Постоела можност за исклучок од правилото 50+1. Тоа било во случај еден инвеститор да го поддржувал клубот најмалку 20 години пред 1998-ма година. Ова бил случај со Баер Леверкузен, Волфсбург и Хофенхајм. Бенефитот на приватните сопственици на овие клубови е ограничен построго и ови еклубови мора да ги ангажираат повеќе своите членови и да плаќаат повисоки економски компензации.

Германската фудбалска лига сега го доуредила правилото 50+1 и обезбедила и натаму заштита за членовите на клубовите односно најверните навивачи.

14 јули 2023 - 14:50