Балканските тимови, особено “големата четворка“ Партизан, Динамо, Црвена звезда и Хајдук најредовно се под лупа на разни европски организации од кои посебно се издвојува најголемата фудбалска, УЕФА, поради однесувањето на своите навивачи.
Белградските Партизан и Звезда имаат статус на „повеќекратни повратници“, односно навивачки групи кои ги повторуваат делата. „Црно-белите“ веќе извесен период опслужуваат условна казна па дуелот со албански Скендербег во рамките на групната фаза од Лига Европа беше прогласен за меч од висок ризик.
Управата на Партизан месеци однапред апелираше, бараше, соопштуваше, молеше навивачите да внимаваат како ќе се однесуваат затоа што и најмала искра може да значи и повеќегодишно исфрлање на клубот од Европа. „Буквално без да трепнат ќе нè исфрлат за најмал екцес“, повторуваше со недели Милош Вазура, директорот на Партизан.
УЕФА од 2013-та соработува со организацијата FARE која што се бори против секоја дискриминација во фудбалот и има ист начин на делување. Еден од „ловците на хулигани и испади“ на FARE добил задача во Белград да ’го снима’ мечот.
Реномираниот New York Times објави приказна со дечкото кој е задолжен да го бележи секој детал - од пораки на транспарентите, банери, пароли, навивање, скандирање, повици... Сè што може да значи кршење на дисциплинските правила на УЕФА.
Организацијата FARE веќе четири години набљудувала и контролирала преку стотици натпревари годишно во Европа. FARE има 240 доборовлни набљудувачи ширум светот. Минатиот четврток освен на стадионот на Партизан, имале свои луѓе и во Хрватска, Чешка, Италија, Романија и Русија.
Новинарот на New York Times му правел друштво на дечкото од FARE кој барал да остане анонимен.
„Никогаш не се знае што може да се случи на натпреварот“, му рекол набљудувачот на американскиот новинар додека ја спремал моќната камера која ги снима и најдалечните точки на стадионот.
На првиот дуел меѓу овие два тима во Албанија пред дваесетина дена, набљудувачот на FARE забележил скандирање против Србите: „Убиј, заколи ги“ па извештајот кој бил доставен во УЕФА бил доволен Скендербег да биде казнет со еден меч без публика и со 60.000 евра.
Набљудувачот вели дека мораат потполно да се вклопат во амбиентот и да не делуваат ’сомнителни’.
„Ти само однесувај си се нормално. Не сме ЦИА“.
Дечкото потенцирал и дека тој и неговите соработници мораат да пазат затоа што навивачите во одредени земји се лути што нивните клубови се казнуваат, па се организираат и по трибините ги ловат вработените во FARE.
Во Полска на пример, пред неколку години го осуетиле набљудувачот на FARE па морал да вика полиција во помош затоа што го препознале и го опколиле па едвај спасил глава.
„Смеј се. Ние сме сега во улога на обични туристи, се забавуваме тука“, го советувал 20 и нешто годишниот ловец новинарот на Њујорк Тајмс.
„Беше необично мирно. Навивачите стоеа пред влезот, грицкаа семки. А полицајците, во фул опрема изгледаа дека се досадуваат. Ни внатре на стадионот, ни пред мечот немаше ништо поинакво. Освен приметно засилено обезбедување, клубот апелирал на своите навивачи да бидат мудри. Сепак, јужната трибина, позната по најтврдото језгро навивачи - Гробари беше преполна“, пишува американскиот новинар.
Додека се играл мечот, новинарот заедно со новиот пријател ја набљудувал публиката.
„За време на мечот набљудувачот ќе напревеше неколку фотографии и повремено ќе аплаудираше после акциите на домашниот тим, а после брзо го враќаше фокусот на најжестоката трибина. Прво го примети транспарентот South Guard со стилизирана буква О, со келтски крст и широко распространет неонацистички симбол за белата надмоќ. Но во четвртокот вечерта момците чијшто е транспарентот го прекриле келтскиот крст за да не ’упаѓа’ во очи. И сомнителната костурска глава на следното знаме брзо изгледаше како бенигна“, пишува новинарот на Њујорк Тајмс.
На самиот почеток на мечот, Гробарите кренаа ’шеталица’, покривно знаме со огромен лик на цар Лазар Хрбељановиќ, српски владетел кој загинал во Косовската битка 1389 година против Турците. Кореографијата ја пратело и гласно навивање на српската „Марш на дрина“.
Инаку набљудувачите на FARE се добро запознаети со локалните обичаи, политиката, културата, историјата. Овој набљудувач заклучил дека кореграфијата несомнемо е смислена да ги провоцира Албанците но исто така констатирал дека не може да се смета за дискриминаторска односно дека не ги преоѓа границите на прописите.
„Да, провокативна е, но не имплицира подлабока порака, така што ова не е доволно за казна. Ние во извештајот пишуваме што мислиме, што е наш заклучок но мора и да ја докажеме намерата која била мотив за тоа да не влијае на ’жртвата’“, вели координаторот на FARE Павел Клименко за кореографијата на Гробарите.
Анонимниот дечко од FARE вели дека е тажно што се занимава со оваа работа.
„Не можам да верувам дека во ХХI век се занимавам со оваа работа, тажно е. Но драго ми е кога гледам дека нашава работа дава резултат“, додава тој.
Навивачите на Партизан во неколку наврати во текот на мечот извикуваа ’Косово е Србија’.
„И ова е на граница на прифатливо затоа што потпаѓа под изразување на политички став. Освен наведеното, друго ништо немаше. Партизан даде два гола, судијата свирна крај а набљудувачот беше зачуден но и воодушевен што немало ниеден инцидент“, пишува во својата статија новинарот на Њујорк Тајмс.
По дуелот, публиката експлодираше од среќа за победата а играчите на Партизан радосни го напуштаа теренот. Десетина минути подоцна излегоа од соблекувалните, некои од нив без дресови и одново пееја со навивачите.
„Гледај! Ова е совршено. Ова го сакаме!“, му викал на новинарот.
На крајот додека го напуштале стадионот му пратил СМС порака на делегатот на УЕФА со кој се слушнал претходно дента.
„Драг претставнику на УЕФА, немаше инциденти кои би можел да ги пријавам. Фала на соработката“, напишал ’ловецот’ кој сега чека друга задача.
Foto VIA: Mondo.rs/Goran Sivački