Јелмер Ботс на прв поглед изгледа како обичен дечко што прати фудбал. Но кога ќе се качите на таванот од неговиот дом, ќе сфатите дека не е баш обичен лик.
„Ова тука е рај“, вели Јелмер за просторот во кој најпедантно и уредно има наместено цела колекција фудбалски шалови.
Во моментов има околу 3.200 шала - од кинески, источноевропски, африкански па се до новозеландски. Најбројни се околу 200 шалови на неговиот сакан холандски Херенвен. Ботс важи за најголем колекционер на шалови во Холандија и еден од поголемите во светски размери. Вели дека шалови набавувал на разни начини - од нарачки преку интернет, до размена со други колекционери и купува во официјалните фан-шопови.
Најмногу сака, раскажува, на лице место да купи шал на европските стадиони. Во разговор за сајтот Vice вели дека треба да размислува за нови полици и плакари:
„Да, во право сте, но сега барам некое решение сите шалови да бидат видливи. За едно две години ќе можам да ги местам по ќошевите од таванот но ќе ми треба некое подобро решение кога и таму ќе преполнам“.
Во својата колекција Јелмер има и два шала од македонските клубови Победа од Прилерп и навивачки од Комити Запад:
КАКО ПОЧНАЛ СО ХОБИТО?
„Мојот прв шал беше секако од Херенвен. Брзо потоа родителите ме однесоа во Англија на шетање и таму си купив уште три шала. Целта ми беше еден ѕид од спалната соба да биде цел во шалови. Кога ми појде тоа од рака, посакав да ја наполнам цела соба. А потоа работите отидоа малку „по ѓаволите“ и еве не сега на овој таван преполн со шалови“, вели Јелмер Ботс.
ЗОШТО СЕ РЕШИЛ БАШ ЗА ШАЛОВИ?
„Шалот за мене е единствен прав навивачки аксесоар. Евтин е, а ти веднаш им стануваш препознатлив на другите, луѓето сфаќаат за кого навиваш. На шалот често се напишани и основните податоци за клубот, кога е основан, кои трофеи ги освоил и така. За мене нема ништо поубаво од ловот на шалови на мали клубови.“
КАКО НА ПРИМЕР?
„Еве како на пример овој шал на РФК Нови Сад, српски нисколигаш. Бев на нивен натпревар со неколку другари кога ги посетував српските стадиони и не очекував да имаат шалови. Го прашав клупскиот економ и ми кажа дека има пар шала дома. Кога стигнавме до неговата куќа ни изнесе шал кој чинеше 25 евра, скапо но не жалев пари и не сакав да се карам со човекот. Тие приказни ви се најдобри, такви шалови не може да најдете на интернет со два клика“.
КОЛКУ ПАРИ СИ ДАЛ ДОСЕГА ОТПРИЛИКА ЗА ШАЛОВИ
„Немам појма и не сакам да знам. Ако кажеме дека секој шал оди по десет евра, јас сум de facto богат човек. Ако ми затреба некогаш пари, можам се ова да го продадам. За сега воглавном се занимавам со менување со колекционери од цел свет. Зборуваме на Фејсбук преку посебни групи кои се занимаваат со ова. Во Холандија сме десетина, но во Русија и Германија има баш многу колекционери. Исто една од земјите во која е популарно ова хоби е Индонезија, тие се баш луди по тоа.“
КОИ НАВИВАЧИ ИМААТ НАЈУБАВИ ШАЛОВИ?
„Навивачите на полските клубови. Полска ви е рај за шалови.“
ЗОШТО?
„Еве, погледнете го овој примерок. Сите букви се украсни, има многу детали, боите се убаво наместени. Во Холандија често го добивате само името на клубот, но во Полска на шаловите пишува многу нешта. Често тоа „многу нешта“ знае да биде и непристојно, па на пример на Висла Краков имаат шал „анти-евреи“. Такви глупости не купувам за мојата колекција.“
ИМА ЛИ НЕКОЈ ШАЛ ШТО ДОЛГИ СИ ГО БАРАЛ?
„Да, тоа е шалот од мечот Херенвен - Милан од 2008. Има околу 200 примероци сам и 10 години го барав овој примерок. Одвреме навреме некој ќе го понуди на интернет аукциите, но цената не беше под 50 евра што е премногу. Но еве, пред еден месец некој го ставил на аукција и моментално ја прифати мојата понуда од десет евра. Пресреќен бев“.
БИ ЗЕЛ ЛИ НЕШТО ДРУГО ДА КОЛЕКЦИОНИРАШ?
„Нема шанса. Само би продолжил да одам по стадиони, да гледам фудбал и навивачи. Спомените не може да изгорат.“