Додека Јувентус му држеше италијанска лекција на тимот на Луис Енрике, во Дортмунд се отвори работа за полицијата која трагаше по сторителите на експлозијата која ги потресе домашните фудбалери во клупскиот автобус.
Трибините на Вестфален веќе се полнеа, а навивачите сурфаа на своите телефони за да разберат што се случило и добија информација дека натпреварот ќе биде одложен за другиот ден.
Во таква ситуација обично знае да настане хаос од типот што ќе биде со навивачите, каде ќе преспијат, ќе им важат ли картите, кој ќе им ги сноси дополнителните троошоци и сл.
Нема проблем, тука се навивачите на Борусија Дортмунд кои со џентлменски потег го решија проблемот. Со помош на хаштагот #bedforawayfans ги повикаа сите навивачи на Монако да им се обратат преку Твитер за да им понудат да спијат кај нив, се разбира бесплатно.
Гостите беа преморени од 12 часовното патување до Дортмунд, па домаќините освен со место за преспивање ги пречекаа и со јадење и пиво.
„Кога фудбалот го обединува светот“, напиша еден од навивачите како знак за благодарност.
Борусија Дортмунд информираше дека натпреварот ќе се одигра во среда со почеток од 18:45 и овој четвртфинален меч од ЛШ сигурно ќе биде почеток на едно големо пријателство на навивачите на Борусија и Монако.
Капа доле за потегот на Германците кои веднаш излегоа во пресрет, но аплаузи и за француските навивачи кои во знак на солидарност кон домашниот тим скандираа: Дортмунд, Дортмунд.