Синоќа заврши Фајнал форот во Белград на кој играа најдобрите четири екипи од континетот а на крајот славеше Реал Мадрид.
ФЕНЕРБАХЧЕ - РЕАЛ МАДРИД 80:85 (17:21, 23:17, 15:25, 25:22)
Шпанскиот хит "Como no te voy a querer" (Како да не те сакам..) чија мелодија навивачите на Реал ја пеат насекаде, грмеше и синоќа во Белград додека кошаркарите го славеа триумфот над турскиот гигант.
Фабијан Козер со 17 поени (3/3 за три) беше водечки стрелец кај Реал Мадрид а Лука Дончиќ со 15 поени (2/4 за два и 1/4 за три, 8/10 од слободни), 4 асистенции и 3 скока заслужено ја освои МВП наградата на финалето и како најдобар играч во моментов од Европа летово се сели во НБА.
Големиот пехар воедно е и прв за Реал од 2015-та година. Тренерот на „кралевите“ Пабло Ласо по втор пат ја освојува титулата и на тој начин го спречи легендарниот Жељко Обрадовиќ да стигне до 10. европски трофеј.
Кошаркарската секција на Реал сега има 10 титули европски првак, фудбалската има 12 но на 26 мај ќе игра во финалето на Лига на шампиони против Ливерпул во Киев каде ќе се обиде да направи голем подвиг и да ги спои двете највредни титули во европскиот спорт - подвиг што никогаш не му пошол од рака на трофејниот Реал Мадрид.
Интересно, кошаркарскиот и фудбалскиот тим на Реал Мадрид три пати во иста сезона стигнале до финалето но секогаш макар еден губел во дуелот за златото.
Во 1962 година и двата тима изгубиле во меч за пехарот - Бенфика ги победила фудбалерите а Динамо Тбилиси кошаркарите. Потоа, во 1964 година кошаркарите славеле против ЦСКА Москва, но Интер не им дал заедничко големо славје со фудбалерите.
Последен пат двата тима беа во финале во 2014-та кога Реал чудесно после пресврт го доби градскиот ривал Атлетико Мадрид, но кошаркарите потклекнаа пред Макаби Тел Авив.
За пет дена, Роналдо и компанија ќе имаат можност да „организираат“ двојна прослава во главниот град на Шпанија. За такво нешто ќе мора да се испотат прописно против силниот Ливерпул кој е гладен за пехарот.