Уникатноста на Леброн - играл против 8 пара татковци и синови во НБА

За долговечноста на еден од најголемите спортисти на сите времиња и кошаркар кој може да се каже дека застана рамо до рамо до Џордан.

На мечот меѓу ЛА Лејкерс и Хјустон Рокетс, Леброн Џејмс имаше симпатичен разговор со новајлијата на „ракетите“ Џабари Смит кој го потсети легендарниот Брон дека на првиот меч во НБА кариерата Џејмс играл со татко му.

Леброн Џејмс на средбата со Хјустон на која Џабари Смит во шега му кажа „Сфаќаш колку си стар? Си играл против татко ми на својот прв натпрвар во НБА“, постигна 48 поени со 8 скока и 9 асистенции. Имаше дури и силно забивање преку младиот Смит.

После тој дуел Леброн го прокоментирал моментот со 19-годишниот Џабари.

„Се чувствувам ѓаволски стар, точно е. Имав среќа да играм против неколку дуети татко-син. Гери Трент - Гери Трент јуниор, Кенион Мартин - Кенион Мартин јуниор, а сега и со Џабари Смит. Тоа беше одлично патешествие. За 20 години видов како многу добри играчи доаѓаат и заминуваат. Тоа е дел од мене“.

Вкупно „кралот Леброн“ во кариерата играше против 8 пара татковци и синови.

КЕНИОН МАРТИН И СИН МУ

Првата средба со Кенион Мартин на Леброн му била на 2 јануари 2004-та година, а со Кеј Џеј Мартин, синот на Кенион играл на 16-ти јануари 2023-та.

Кенион Мартин беше избран како прв пик на драфтот три години пред Леброн да дојде во НБА. На паркет се сретнале 15 пати, последен пат во 2014-та. Последните три сезони Леброн се среќава со синот на Кенион, Кеј Џеј од Хјустон. Интересно овој млад кошаркар излегол од школата Сиера Кенјон каде учел и син му на Леброн, Брони Џејмс.

ПРОТИВ ГЕРИ ТРЕНТ И СИН МУ

Првиот меч со Гери Трент на Леброн му бил на 21 ноември 2003-та година, а последен пат играл со Гери Трент-јуниор на 18 март 2022-ра година.

Првата сезона на Брон во НБА беше воедно и последна на Гери Трент. Тогаш играле два пати меѓу себе таа сезона. После 15 години Џејмс настапи и против синот на Гери, Трент-јуниор, во плејофот 2020-та.

ПРОТИВ ГЕРИ ПЕЈТОН И ГЕРИ ПЕЈТОН II

Првиот дуел со Гери Пејтон Леброн го имал на 12-ти јануари 2004-та а на 12-ти февруари 2022-ра се сретнал за последен пат со синот на Гери, Пејтон II.

Четири сезони играше Леброн Џејмс со Пејтон-постариот во НБА, на 13 натпревари се сретнале еден против друг а тимот на Пејтон победил осум пати. Синот на овој легендарен кошаркар дебитирал во НБА во 2017-та и со Леброн се сретна после четири години.

ПРОТИВ РИК БРАНСОН И ЏЕЈЛЕН БРАНСОН

Првата средба со Брансон-постариот, суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс кој блескаше и во Кливленд и во Мајами, ја имал на 20 декември 2003-та година. Последен пат се сретнал со син му на Бренсон, Џејлен на 1 март 2022-ра. Против Рик Брансон Леброн играл шест пати меѓу 2003-та и 2006-та. Со син му првпат се сретнал во 2018-та и на крајот од јануари годинава имале 10-та јубилејна меѓусебна средба.

ПРОТИВ ГЛЕН РОБИНСОН И ГЛЕН РОБИНСОН II

Првиот дуел со култниот Глен, Брон ја имал на 19-ти декември 2003-та а на 3-ти март 2020-та за последен пат играл против син му Глен Робисон II.

На возраст од 18 години Леброн ја растурил сам Филаделфија со 36 поени. А со синот на Глен Робинсон последен пат играл во 2020-та. Во моментов кариерите на обајцата Робинсони во НБА се завршени, а Леброн и натаму ги полни кошевите.

ПРОТИВ ЕДРИАН ГРИФИН И ЕЈ ЏЕЈ ГРИФИН

Во период од пет години во НБА лигата Едриен Грифин играл шест пати против Леброн. Син му Еј Џеј Грифин два пати имал чест да му се спротивстави на „кралот“ но со тоа што скоро се појави во НБА, можно е да ја зголеми оваа бројка.

ПРОТИВ ЏАБАРИ СМИТ И ЏАБАРИ СМИТ-ПОМЛАДИОТ

Првпат Леброн ги судрил копјата со Џабари Смит на 22 декември 2004-та година. Последен пат со син му Џабари Смит-помладиот играше на 16-ти јануари 2023-та.

За пет години како кошаркар на Нетс, Џабари-постариот три пати играл против Џејмс. Син му, кого Рокетс го одбраа како трет пик на драфтот 2022-ра, првпат играше против ветеранот деновиве. Интересен факт е што Смит-помладиот е роден во 2003-та кога Џејмс веќе дебитираше во НБА лигата и се роди како ѕвезда.

ПРОТИВ САМАКИ ВОКЕР И ЏАБАРИ ВОКЕР

Леброн и Самаки првпат играле кошарка еден против друг во НБА на 9-ти април 2004-та година. Последен пат Џејмс со син му на Самаки, младиот Џабари Вокер се сретна на 30 ноември 2022-ра година.

Самаки Вокер пет пати настапил на меч против Џејмс во првите три години од неговата кариера. На дуелот со синот на Самаки Леброн против Портланд постигнал 31 поен минатиот ноември.

 

20 јануари 2023 - 10:51