Околу Бруклин Нетс има многу прашања од почеток на сезоната па до денес: Каков ќе се врати Дурент после предолгата пауза, ќе се склопат ли сите коцки во тимот? Каков тренер ќе стане Стив Неш? Дали со доаѓањето на Харден ќе има топка и за другите? Ќе се истрпи ли чудниот Кајри Ирвинг и избувливиот Деандре Џордан? Ќе има ли кој да скока под кош кога на Харден нема да му биде денот итн.
За да се добие одговор на овие прашања треба да се знае дека сезонава поради повреди, суспензии и пауза, Бруклин Нетс дури 35 пати излегувал во различен состав на паркетот, а 3-те главни суперѕвезди заедно одиграа само 7 меча (186 минути заедно на терен) од кои последниот дури во средината на февруари.
Само за потсетување, играчи на Бруклин Нетс во моментов се Џејмс Харден, Кевин Дурент, Кајри Ирвинг, Блејк Грифин, Џо Херис, ДеАндре Џордан и други. Практично едни од најголемите НБА ѕвезди на едно место.
КАКОВ СЕ ВРАТИ ДУРЕНТ?
После страшната повреда на Ахиловата пета после која многу спортисти веќе никогаш не се вратиле на терен, имаше дебати дали не баш младиот КејДи ќе се врати на некогашното ниво кога беше играч број 1 во НБА.
Дурент доволно брзо се врати во колосек. И натаму зема многу шутеви, самостојно оганизира акции, но и презема товар и има најдобра реализација во кариерата.
Веќе неколку пати покажа дека ситуациите еден-на-еден му се омилени и тој ќе биде најважен играч на Нетси во плејофот. Притоа Дурент игра и добра одбрана, сегмент кој и тоа како им треба на Нетси.
Најважно е што Дурент се врати и добар е. Но прашањата за неговото здравје уште останаа отворени. Кевин кога игра, тој е на ниво на суперѕвезда, но не игра баш секогаш и тренерот Неш ќе треба да биде внимателен со него.
КАКОВ Е БЛЕЈК ГРИФИН ВО 2021?
Некогаш еден од Топ5 играчите во НБА пред некое време во дресот на Детроит беше катастрофален. Тој ниеднаш не се врати на пикот на кариерата, стана обичен просечен НБА кошаркар.
Но од друга страна Грифин заигра внимателно во одбрана. Често излегува на крај со некој од најголемите ѕвезди денес, иако генерално гледано не е на највисоко ниво. Но треба да се знае дека и таков каков што е денес е далеку подобар од она што беше во Детроит.
Во нападот Грифин во Бруклин е само уште еден играч за ротација во извршување на пик-ен-рол замислите, но не треба да се запостави неговата прецизност од 40% од линијата за 3 поени.Грифин не троши премногу топки и ако може да бира дали да додаде или да шутне, секогаш ќе го избере првото.
По се изгледа дека низ годините загуби на брзина, стана побавен и тоа му го отежнува снаоѓањето во ситуации во кои треба да поентира. Неговата игра во нападот е до толку измерена и јасна што може да стане лесно скротлив во плејофот.
БРУКЛИН НЕТС ИМА МНОГУ ЅВЕЗДИ, НО ДАЛИ ИМААТ ДЛАБОЧИНА ВО СОСТАВОТ?
Дали Нетс имаат доволен број креативци? Да. Дали Нетс имаат доволен број варијанти со габарит? Да.
Дали Бруклин Нетс имаат доволен број надворешни играчи? Секако, скоро цела екипа е составена од таков профил: Харден, Дјурент, Шемет, Харис, Луваву, искусниот Грин.
Што се однесува до позицијата центар, Нетси и таму имаат полно варијанти што теоретски им дава можност за ротација, но проблемот е во тоа што ниту еден од тие играчи не е доволно добар за да игра цел меч на високо ниво.
Пред неколку дена Деандре Џордан немаше снага за вториот дел против Милвоки Бакс, па Грифин мораше да го чува Јанис што не беше оптимално иако Блејк се справи многу добро. А тука се и потенцијалните проблеми со фаули, така што ќе биде тешко во серија со габаритни екипи.
Под кош може да се префрлат Клакстон, Грин па и Дурент, но тогаш им се одзема минутажата на надворешни позиции каде се далеку покорисни.
Отсуство на центар кој ќе може да игра против кој било противник теоретски може да го чини Бруклин пласман во следни рунди од плејофот.
ДАЛИ Е НЕШ ДОБАР ТРЕНЕР?
Уште е рано да се даде оцена, но досегашниот дел од сезоната покажа дека Стив Неш знае да се носи со големите суперѕвезди.
Работата во Нетс се разликува од стандардните тренерски позиции затоа што ѕвездите се многу квалитетни и понекогаш дури и поединечно, сами организираат напад, но одбраната е тешко да се гради што поради слабиот контингент што поради стални повреди кои ги спречија да воспостават доследност.
Најважно за Стив Неш беше да најде идеална клима за комуникација со ѕвездите. Некој би можел да каже дека некогашниот најдобар плеј во НБА лигата е прилични мек и попустлив како тренер, но тој пристап досега му успеваше.
Од друга страна може да сте строг но да ја изгубите соблекувалната. Бруклин Нетс мирно ги преживеа хировите на чудакот Кајри Ирвинг, а не се крена бука ни поради намалената минутажа на Деандре Џордан.
Регуларниот дел во НБА заврши. Сега следува она најинтересното - плејофот. Бруклин Нетс оствари 48 победи и доживеа 24 порази па од високото 2. место (Филаделфија '76 е прва) ќе оди во плејофот.