Сочуван рекордот на легендарниот Пит Маравич, секунди биле во прашање

Во американската кошарка и општо американскиот спорт големо внимание се обрнува на статистики а уште поголемо на рекорди. Откако Леброн Џејмс направи историски подвиг, го урна апсолутниот рекорд на Карим Абдул-Џабар на вечната листа најдобри поентери во НБА, сега малку фалело тоа да се случи и во НЦАА универзитетската лига која е еднакво гледана како и НБА.

Најдобар поентер во НЦАА Универзитетската лига веќе цели 53 години е „Пистол Пит“ Маравич. Тој за три години во тимот на Универзитетот Луизиана успеал да постигне 3.667 поени и до ден денес го држи рекордот.

Притоа треба да се знае дека во време на Пит Маравич немало:

а) три поени
б) истек на време, то ест хипотетички секоја екипа можела да си ја води топката колку што сака, а не ограничен напад на 24 секунди како што е денес.

Дури и со воведување нови правила, повеќе од 50 години никој не успеал ниту да му се приближи на бројките на Пистол Пит Маравич.

За такво нешто да се случи на крај, дошла глобалната пандемија. Поради коронавирусот, некои студенти останале на уште една дополнителна година на колеџ, па така и Антоан Дејвис од Детроит Мерси Универзитетот.

На Дејвис му требале уште 64 поени за да го урне рекордот на Пит Маравич, а пред него стоел плејофот каде секој меч може да биде последен во колеџ кариерата. И му бил последен зошто изгубиле.

Детроит Мерси успеал да победи во првата рунда, а Дејвис на тој меч уфрлил 38 поени. Но на следниот натпревар Мерси изгубиле од Јонгстаун во четвртфинале, а на Антоан му фалеле три поени за да го достигнел рекордот на Пистол Пит Маравич (не и да го надмине).

Шутирал на крајот, се обидел во последни секунди но промашил.

Прашање е колку Пит Маравич би постигнал доколку во негово време имало линија за три поени (Дејвис е рекордер по број на тројки во НЦАА), а треба да се има предвид и дека за своите 3.664 поени на Дејвис му требале 144 натпревари а на Пит Маравич 83.

Дејвис бил 5 сезони во колеџ лигата, а Маравич 3.

Американските медиуми пренесуваат и дека Антоан Дејвис бил игнориран од многу скаути, а шанса да игра добил благодарение на тоа што татко му е самиот тренер на Детроит Мерси.

Дури и во изјава после последниот натпревар на кој изгубиле, Антоан Дејвис рекол дека се надева дека постои можност да се организира некој турнир после регуларната сезона, со цел да се обиде да го надмине рекордот на Пит Маравич. Но не би му бил признат.

3 март 2023 - 14:56