Што ти значи голем тренер и НБА шампион

Пријателската средба меѓу Србија и Словенија во белградска „Арена“ како последна подготовка пред Европското првенство 2025 ја следеа и многу големи и познати имиња од светот на кошарката.

Големо изненадување било присуството на Ерик Сполстра, тренер на Мајами и голем НБА шампион со две шампионски титули (2012 и 2013). Тој пропатувал преку цел океан, во лет од повеќе од 10-11 часа за да дојде да ја гледа пријателската Србија - Словенија на која играше и негов кошаркар од Мајами Хит.

Во прв ред биле познати српски тренерски имиња како Жељко Обрадовиќ, Душко Вујошевиќ, Саша Обрадовиќ, Дарко Рајаковиќ (тренер на Торонто Репторс) и други, но најголемо внимание привлекол познатиот тренер на Мајами Хит Ерик Сполстра.

Тој дошол да го следи во живо неговиот кошаркар Никола Јовиќ кој беше главен играч на мечот и најефикасен со 18 поени и 7 скока.

„Посветеноста и професионализмот се две особини кои најмногу ги ценам во работата со која се занимавам. Тоа е причина за голема почит кон тренерот на Мајами Хит Ерик Сполстра. Тренер кој освои две НБА титули, го прелетал цел океан со цел да се увери во формата на Никола Јовиќ, и истовремено да му посака среќа на претстојното Европско првенство“, напишал на својот Инстаграм познатиот светски менаџер Мишко Ражнатовиќ.

„Бев мотивиран. Тој е можеби најдобар тренер на светот. Пропатувал толку голем пат за да дојде да ме гледа, и сакав да покажам дека можам уште подобро и следната сезона. Изгледаме подобро и подобро, но мислам дека не сме го покажале целосниот потенцијал се уште. Има уште простор за напредок“, рекол Никола Јовиќ кој лани имаше добри партии за Мајами Хит во НБА лигата. 

22 август 2025 - 12:54