Никола Јокиќ, крилниот центар и центар на српската репрезентација веќе неколку недели е главен играч на Денвер Нагетс а во меѓувреме од тимот го истисна и главниот конкурент, неговиот другар од Балканот, Јусуф Нуркиќ од Босна.
„Дебелкото“ од Сомбор просечно бележи по 12,7 поени, 7 скокови и 3,7 асистенции по натпревар на кои добива во просек по 24 минути. Неговите одлични партии ги наведоа американските медиуми да поразговараат со него.
Новинарот на ЕСПН Зах Лав забележал дека многу сака да го гледа Јокиќ како ја пренесува топката преку теренот иако е центар.
„Тоа и мене ми е омилен дел од играта. Човеку, не знаеш колку сум среќен кога дриблам. Некогаш луѓето велат дека сум добар плејмејкер, а не сум. Тимовите во Србија за кои играв секогаш имаа добри плејмејкери. Но и покрај тоа многу сакав да дриблам, па дури и надвор кога шетав дриблав замислен противник пред себе. Тогаш размислував што е најдобро да направам“, вели Никола Јокиќ.
Тренерот на Денвер Нагетс, Мајк Мелоун му дава се повеќе шанса а како резултат на тоа на клупата седи Јусуф Нуркиќ. И покрај тоа на Јокиќ не му е се идеално во САД. Му фалела вкусната домашна балканска храна.
„Храната која што ја јадев и порано ја јадам и тука, пилешко, ориз, месо, но овде се спрема многу поинаку. Овде нема никаков вкус. Овде немаме добри ќебапи, но јас имам залиха српско месо дома. Најмногу ми фали рибниот паприкаш со нешто малку тестенини од страна. Ако дојдете во Србија, тоа мора да го пробате“, вели Јокиќ.
Центарот открил и дека до неодамна пиел Кока кола како ниту еден негов соиграч или другар.
„Да, пиев околу три литри Кока кола дневно, тоа е баш многу. Никогаш не пиев наутро поради тренинзите, но кога завршував се редеа чаша за чаша, не можев да престанам. Но веќе не пијам, последен пат пиев Кока Кола пред година ипол кога летав за Денвер“, додава харизматичниот Јокиќ.
Необична приказна има и околу тетоважите. Неговите браќа имале безброј тетоважи по телото, а Јокиќ ниту една.
„Знаете, мислам дека во НБА лигата е нешто ново кога играч нема тетоважи, и ете нека биде тоа моја карактеристика. Моите браќа изгледаат како сериски убијци, но кога ќе ги запознаете ќе сфатите дека се баш добри луѓе“, заклучува Јокиќ кој се прослави со потегот со кој го фрли Драјмонд Грин „по бурек“.