Самарџиски и твитот на Мишко

Македонскиот репрезентативец од денес е нов член на турскиот прволигаш Бујукчекмече, а како обично одат работите, трансферот на Твитер необично го најави неговиот агент и сопственик на Мега Лекс, Мишко Ражнатовиќ.

Со нова загатка, фамозниот агент Мишко Ражнатовиќ повторно на Твитер најави промени во неговиот тим Мега Лекс.
„Имајќи го во предвид сериозното нарушување на тимскиот старосен просек, КК Мега Лекс го отстрани од тимот Предраг Самарџиски“, напиша Ражнатовиќ на Твитер и ги зачуди оние кои го следат на оваа друштвена мрежа.
Кога сите почнале да размислуваат што навистина значи тоа што го напишал Мишко, стигна нов твит со кој менаџерот ја реши дилемата.
„Играчот е отстранет во правец на Истанбул, новиот турски прволигаш Бујукчекмече! Отстранувањето стапува на сила во среда, 11.11 во раните утрински часови“.

На тој начин, Самарџиски ја напушта Мега Лекс по неполни два месеци во клубот кој игра во Јадранската лига.
„Времето кое го поминав во Мега е еден од најубавите периоди во мојата кариера. Атмосферата беше фантастична, имав одличен однос со тренерот и соиграчите и морам да истакнам дека во Мега владеат исклучително здрави односи. Затоа морам да кажам дека во исто време сум среќен но и помалку тажен што заминувам. Среќен затоа што најдов добар странски ангажман, а тажен затоа што напуштам тим каков што е Мега Лекс", изјавил Самарџиски за клупскиот сајт веднаш по последниот тренинг.

Поранешниот играч на МЗТ Скопје му се заблагодари и на тренерот Дејан Милојевиќ за одличната работа во изминатиот период.

„Тоа што имав отворен договор со Мега ни на кој начин не влијаеше на моите игри. Давав се од себе, играв за тимот со цело срце и така пристапував на секој натпревар затоа што таков пристап имаа и другите играчи. Како најискусен во екипата, се трудев да им дадам пример на момците и кога беше најпотребно да повлечам најмногу. Верувам дека успеав во тоа. Мега ми прирасна за срце и ќе продолжам да ја следам. Им посакувам се најдобро во борбата за плејофот. Екипата покажа карактер иако е составена од многу млади момци и верувам дека ќе успеат да се изборат за пласман меѓу четирите најдобри во АБА лигата што би бил прав подвиг„ заклучил Пеџа Самарџиски.

Самарџиски (29 години, 214 см) ќе се врати во Турција, каде во минатото играше за Олин, Мерсин и Анкара. Минатата година настапуваше за македонскиот шампион МЗТ Скопје, а годинава имаше значајна улога во Мега Лекс во АБА лигата каде одигра 7 натпревари и во просек даваше по 10,6 поени.