Рекорд на сезоната за Никола Вучевиќ, му донесе победа на Чикаго на 4 секунди пред крај

Кошаркарите на Чикаго Булс ја совладаа Јута Џез 128:126 а јунак на повеќекратниот НБА шампион беше Никола Вучевиќ кој трет пат сезонава постигна кош во последните секунди за голема победа.

Никола Вучевиќ беше лидер и постигна овосезонски личен рекорд со 35 поени на кои додаде и 7 скока, 5 асистенции и 2 блокади. Вучевиќ продолжува да блеска во својата 15-та сезона во НБА. Во просек сезонава има 16,4 поени и 9,3 скока по натпревар.

Популарниот Вуч како што го викаат навивачите на „биковите“ е втор на вечната листа центри на Чикаго по број на натпревари со најмалку 30 постигнати поени. 

Покрај Вучевиќ, одлична вечер имаа уште и Ајо Досунму со 15 поени, Патрик Вилијамс даде 13 поени а Џејлен Смит додаде 12 поени и 12 скока.

Од друга страна интересен рекорд на кариерата имаше резервистот на Јута Џез Брајс Сенсабо кој уфрли 43 поени од кои дур 21 поен во првиот период. Кејонте Џорџ беше стандардно добар со 25 поени и 7 асистенции кај „џезерите“ а Кајл Филиповски додаде 19 поени со 7 скока и 4 асистенции.

Интересно, овој решавачки кош на 4 секунди пред крај против Јута Џез му е трет сезонава после оние во последни секунди против Филаделфија '76 и Портланд Трејлблејзерс.

15 јануари 2026 - 09:47