Патешествието на кошаркарите до Литванија кои не спиеа синоќа

Ослабени без Нено Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс, кои паралелно имаа клупски обврски во Евролигата, македонската кошаркарска репрезентација беше немоќна против фаворитот Литванија, која иста така во Скопје дојде ослабена. Ги чека долг пат за реваншот, слично како за на апсолвентска екскурзија.

Двомечот на Македонија против Литванија 21-24 ноември, во квалификациската група Х за ЕП 2025, не е баш благонаклонет ако се погледнат термините или поточно местото на одигрување на вториот меч.

Кошаркарите вчера вечер го завршија мечот околу 20:00 часот и веќе во 2 по полноќ требале да бидат на аеродром.

Ако се земе предвид дека после тоа им биле потребни туш, вечера и спласнување на адреналинот, немало време ни да легнат. Распоредот за во Литванија оди вака:

- Собир на репрезентацијата во 2:00 часот по полноќ на аеродромот во Скопје.

- Лет за Виена во 4:30 изутринава, пристигнување околу 6 часот.

- Лет од Виена за Вилнус во 10:00, пристигнување околу 13:00 часот.

- Автобуски превоз од Вилнус до Клајпеда, каде ќе се игра мечот, инаку оддалечени 300 км, за што се потребни уште околу 4-5 часа, што значи кошаркарите ќе стасаат приквречер околу 18:00 часот.

- За вечерта е закажан полесен тренинг.

- Следниот ден, во сабота планирано е да се тренира во 13:00 часот.

- Во недела, на денот на натпреварот имаат тренинг од 10:30, а мечот се игра во 18:30.

- Враќањето е во понеделник, повторно со автобус и потоа со два лета преку Вилнус и Франкфурт.

Ако тргнале во 01:00 накај аеродромот во Скопје или 5 часа после завршување на мечот, а во Клајпеда стигнале во 18:00, значи се сместиле после патување и чекање по аеродроми од вкупно 17 часа.

Клајпеда е најголемо пристаниште во Литванија и трет најголем град во Литванија кој гледа према Балтичкото Море. 

Мечот се игра во арената Швитурио, која за кошаркарски натпревари има капацитет од 6.200 седишта. Именувана е по нејзиниот спонзор, пиварницата „Швитурис“.

За време на Евробаскетот 2011 таму се играа натпревари од Д групата, а ние го шокиравме домаќинот Литванија во арената Жалгирис во градот Каунас, по што стигнавме до полуфинале.

Добра вест за реваншот против Литванија е што во состав ќе ги имаме Нено Димитријевиќ кој и покрај малата минутажа, синоќа одигра одличен меч против Макаби Тел Авив, како и Ти Џеј Шортс кој на гостувањето против Анадолу Ефес беше фантастичен со 21 поен и 10 асистенции.

Македонија сè уште е во игра за првите две места кои водат на ЕП 2025 во Кипар, Финска, Полска и Летонија, закажано за 27 август - 14 септември 2025-та.

22 ноември 2024 - 11:33