Огњен Симјановски најмлад дебитант и стрелец за Црвена звезда

Црвена звезда убедливо ја совлада љубљанска Цедевита Олимпија 97-77, а овој натпревар го одбележи историското деби на младиот талент Огњен Симјановски кој стана најмлад дебитант во историјата на белградскиот тим. Симјановски е роден на 28. септември 2009-та година во Суботица а синоќа заигра со само 16 години и три месеци. Со ова младиот Огњен ги надмина досегашните рекорди на Никола Топиќ кој пред да замине во НБА лигата дебитираше за Звезда на 16 години, шест месеци и 13 дена.

Симјановски влезе во самиот финиш, одигра 2 минути и 28 секунди, постигна една убава тројка од агол а на крајот заслужено доби честитки од повозрасните првотимци и ѕвезди како Чима Монеке, Никола Калиниќ, Џаред Батлер, Девонте Грем... Дебитираше на само 16 години и 3 месеци!

Досегашните рекорди ги држеа Никола Топиќ со 16 години и 7 месеци, Воја Стојановиќ со 16 години и 9 месеци, Слободан Николиќ и покојниот Бобан Јанковиќ со 16 години, Немања Недовиќ со 17 години, сегашниот тренер Саша Обрадовиќ исто со 17 години дебитирал за црвено-белите а толку имал и Неша Илиќ. Деби на млади години за Звезда имале и Предраг Стојаковиќ кој со неполни 17 години заиграл за првиот тим, Стефан Ллазаревиќ и Бориша Симаниќ исто на 17 години.

Огњен Симјановски блесна минатото лето кога со Србија стана европски шампион на кадетско Европско првенство во Грузија. Симјановски играше одлично на цел турнир а во големото финале против Литванија постигна 22 поени со пет скока и шест асистенции.

Се претпоставува дека тој има далечно потекло од Гостивар, неговите родители и брат му се родени во Србија, а тој веќе настапува за селекциите на Србија односно има кошаркарски пасош на оваа земја.

Деби имаше и младиот 17-годишен Алексеј Недељковиќ кој исто ги постигна првите поени за белградскиот состав.

 

28 декември 2025 - 12:24