Кошаркарските фанови го паметат Вин Бејкер како 210 см високиот центар кој доминираше под НБА кошевите во '90-те години. Во 2000. година освои златен медал со САД на Олимписките игри, а во импресивната 13-годишна кариера заработил преку 100 милиони долари.
Да потрошиш толку пари треба да си евентуално алкохоличар, коцкар или лошо да раководиш со нив. 43-годишниот Бејкер потрошил толку многу пари што сека работи во Старбакс, служи во црквата на неговиот татко и работи плус за да ги издржи четирите деца во Конектикат.
Од мулти-милионер до барист во Старбакс, Бејкер изгледа среќен со неговиот сегашен живот, но исто така и дели мудрости на секој што ќе дојде во контакт со многу пари за краток период. Додека за многу луѓе неговото екстремно богатство е само сон, Бејкер за Провиденс Журнал вели дека го знае рецептот за крахирање:
„Кога носиш одлуки и брзи решенија, мислиш дека крајот никогаш нема да дојде и тогаш трошиш сè повеќе и повеќе. Тоа е формула за загуба. Ако немаш перспектива во животот и не сфаќаш што значат тие милион или 15 милиони долари, ќе ги потрошиш брзо“, вели Бејкер.
Поранешната НБА ѕвезда вели дека се отрезнил пред четири години, кога загубил речиси сè. Неговата НБА кариера почна да паѓа во 1998. година пред да се пензионира во 2006-та, кога Клиперс му го раскина договорот по само еден месец без ниту еден одигран натпревар.
„Најважно е да бидеш опкружен од луѓе во кои многу веруваш, во некој кој може да ти каже грешиш, не го купувај тоа и тоа, не оди таму, батали, оној човек не чини итн. Сега како шанкер во Старбакс имам увид во парите и знам каде ми оди секој цент. Не верувај во сметки и во семејни пријатели" советува Бејкер.
По крајот на кариерата, Бејкер бил принуден да се отсели од мулти-милионската куќа во Конектикат, загубил пари во пропаднат ресторан и лошо раководел со средствата. Оттогаш, Бејкер вели дека скромно заработува и е многу среќен што работи во Старбакс. „Во компанијава има можности за секој, одлично ми е во Старбакс и луѓето се прекрасни“, вели Бејкер.
Кога ќе погледне назад, некогаш големиот талент Бејкер вели дека предупредува многу НБА кошаркари кои ризикуваат да завршат во истиот кош.
„Кога ќе научиш животни лекции, не е важно како стоиш финансиски, најважно е да си свесен дека сè може да се случи. Јас бев алкохоличар, ја загубив среќата. Имав голем талент и го загубив. Сепак сфатив дека после сè похеројски е да работиш како шанкер, отколку да скокаш под кошевите. Станувам рано наутро, не сум алкохоличар, имам енергија и семејство за кое вреди да се борам“, констатира човекот што потрошил 100 милиони долари.
Во кариерата, Вин Бејкер играше за Милвоки, Сиетл, Њујорк, Бостон, Хјустон и ЛА Клиперс.