Нено Димитријевиќ: „Настапот во Евролига ќе ми биде остварен детски сон“

Најдобриот македонски кошаркар и лидер на македонската репрезентација, Ненад Димитријевиќ летово го засили богатиот клуб Олимпија Армани Милано откако две сезони беше убедливо најдобар играч во Русија.

Димитријевиќ конечно и заслужено ќе игра против најдобрите на континентот. Ќе игра во елитата, во кремот наречен Евролига, против клубови како Реал Мадрид, Барселона, Макаби Тел Авив, Жалгирис, Фенербахче, Олимпијакос, Панатинаикос, Црвена Звезда, Партизан и други.

„Многу сум среќен што сум тука, искрено да кажам. Ја следам Евролигата од свои седум години, ја знам историјата, знам кој победувал на Фајнал Фор турнирите, ги знам играчите од секој тим. Да се биде дел од оваа лига за мене е остварување на сонот.

Едвај чекам да почне и да покажам што знам.

Првите недели во Милано ми беа неверојатни. Ги запознавам луѓето, оние кои се вработени во клубот, соиграчите. Среќен сум. Гледам многу добри момци со кои ќе ми биде задоволство да го делам паркетот и да имаме успешна сезона.

Тренерот Месина (Еторе) ми рече да си бидам свој. Тој вели дека доколку бидам свој и останам агресивен тогаш добри работи ќе следат. И тоа е тоа што сакам да го направам“, вели Нено Димитријевиќ за клупскиот канал на трофејниот италијански гигант Олимпија Милано.

Додава дека негов омилен играч и идол е Милош Теодосиќ иако учел од многу играчи на неговата позиција.

„Отсекогаш сум ги изучувал кошаркарите кои играат на моја позиција. Василис Спанулис е еден од нив, Никос Зисис е друг, но ако треба да го именувам мојот омилен кошаркар ќе кажам Милош Теодосиќ. Исто така го почитувам и Чачо Родригез, има многу добри играчи, но отсекогаш омилен ми бил Теодосиќ“, вели Димитријевиќ.

„Јас на теренот секогаш пробувам да создадам предност за мене и за моите соиграчи. Без разлика на ситуацијата, мој најголем квалитет е да го најдам најдоброто решение за да му помогнам на тимот. Сакам да бидам гласен, се обидувам да бидам лидер. Тоа е она што се обидувам да го сторам“, заклучува Нено. 

 

 

10 септември 2024 - 08:50