НБА Финале 2017

Не е крај, Кливленд се крена од пепелот

Кошаркарите на Кливленд намалија на 3-1 во финалето на НБА и сега одново се поставува прашањето ќе му се случи ли крах на Голден Стејт кој лани исто испушти водство од 3-1?

КЛИВЛЕНД КАВАЛИРС - ГОЛДЕН СТЕЈТ 137:116

Вориорс ја имаа првата меч топка во „Квикен лоунс“ арената, но Леброн и другарите пред своите гледачи пружија максимум и ја одложија прославата на Голден Стејт. Слично сценарио имаше и лани кога во еден момент серијата беше 3-1 за Воините, но Кавалирс направија неверојатен пресврт и со 4-3 стигнаа до титулата.

Леброн Џејмс синоќа одново покажа зошто важи за еден од најголемите кошаркари во историјата, забележа деветти трипл-дабл во финалните дуели и во моментов е трет на вечната листа.

Со триумфот од 137:116, Кливленд ја пресели серијата во Окленд каде меѓу понеделник и вторник ќе се игра петтиот дуел. Најефикасен во победничката екипа беше Кајри Ирвинг кој како да ги преспа претходните натпревари, но синоќа се разбуди со 40 поени од кои 7 уфрлени тројки! Кевин Лав запиша 23 поени. Леброн Џејмс имаше учинок од 31 поен, 10 скока и 11 асистенции.

Кај Голден Стејт кој немаше препознатлива шутерска вечер, со само 11 погодени тројки од 39 обиди, единствено Клеј Томпсон успеа постигне четири тројки за вкупно 13 поени а Стеф Кари постигна скромни 16 поени и 14 скокови. Водечки стрелец беше Кевин Дурент со 35 поени од кои 15 од линијата за слободни фрлања (9/22 од игра), а негова поддршка беше Драјмонд Грин со 16 поени и 14 скока.