Во реприза на минатогодишното финале во конференцијата, Мајами го победи Бостон со 120:107. Ноќта кога ги примија шампионските прстени, Двејн Вејд реализираше 29 поени, а Леброн Џејмс имаше „дабл-дабл" учинок со 26 поени и 10 скокови. Добар натпревар одигра и новото засилување, Реј Ален кој постигна 19 поени, исто колку и Крис Бош.
За екипата на Бостон, Ражон Рондо забележа 20 поени и 13 скокови, а Пол Пирс 23 поени, 5 скокови и 5 асистенции.
ЛА Лејкерс продолжија со лошите натпревари како што започнаа и во претсезоната. Овој пат беа поразени од Далас и покрај тоа што во нивните редови го немаше Дирк Новицки.
Коби Брајант постигна 22 поени, а Гасол 23, додека Хауард дебитираше со 19 поени и 10 скокови, но и 11 промашени слободни од 14 обиди. Најефикасни кај гостите беа Колисон со 17 и Мејо со 12 поени.
На третиот натпревар од премиерата на новата сезона, Кливленд предводен од Кајри Ирвинг кој постигна 29 поени, го победи Вашингтон со 94:84.
Мајами - Бостон 120:107
ЛА Лејкерс - Далас 91:99
Кливленд - Вашингтон 94:84