Трајковски, Симоновски, Хендрикс, Магдевски и Војдан Стојановски беше првата петорка која ја стартуваше првата пресметка во новата ера од подмладениот национален тим предводен од Александар Џикиќ.
Македонија лошо и несигурно го отвори мечот без концепт во играта. Белгијците тоа го искористија и тргнаа офанзивно. Најпрвин направија водство од 9:2, а потоа и 17:9.
Нашите кошаркари беа уште понеорганизирани во втората четвртина и имаа многу лош процент на удари. За 10 минути игра постигнаа 7 поени, а Белгијците погодуваа од сите позиции и направија водство од +13 во првиот дел за водство од 36:23.
Паузата одлично им дојде на нашите кошаркари кои успеаа да се консолидираат. Во првите 5 минути од второто полувреме направија одлична серија од 12:2 и намалија на -3. Концентрацијата ја задржаа до крајот на третиот период кој заврши со негатива од 45:49.
Последните 10 минути донесоа тотално неизвесна кошарка во која избраниците на српскиот стратег Џикиќ не се предаваа и уште подобро му се спротиставија на големиот фаворит
Најинтересно беше на 3 минути и 43 секунди до крајот, кога Трајковски ја запали мрежичката од линијата за три, а истовремено и публиката во „Борис Трајковски“ за прво водство на Македонија од 58:56. Белгија возврати, а на две минути до крајот тројка погоди и Соколов за нова предност од 61:58.
Белгијците уште еднаш се вратија, а меч топка за победа при нерешен резултат имаше Војдан Стојановски кој во последните 5 секунди од мечот не успеа да реализира од положување.
Инфаркт завршница донесоа петте минути продолженија во кои Симоновски на неполни три секунди до крајот, со нова тројка и донесе голем триумф на македонската кошаркарска репрезентација која ветува многу во овие квалификации.