Започнува новата сезона во НБА лигата, а веднаш на стартот имаме два мега дуели помеѓу актуелниот шампион Мајами и најтрофејниот Бостон, како и 16-кратниот освојувач Лејкерс и шампионот од пред две години, Далас.
Мајами предводени од Леброн Џејмс, Двејн Вејд, Крис Бош и новајлијата Реј Ален оваа сезона се најголеми фаворити за одбрана на титулата според кладилниците. Коефициентот за нив е 3,25.
Кладилниците очекуваат дека главни конкуренти на Мајами ќе им бидат кошаркарите на ЛА Лејкерс. Брајант и Гасол се засилија со Двајт Хуард и искусниот Стив Неш, меѓутоа нивните шанси за титула најмногу зависат од повредите на Брајант и Хауард, а Неш веќе има 38 години.
Коефициентот на Лејкерс е 3,75 а веднаш зад нив со коефициент 5,5 се Оклахома Сити Тандер. Мајами можеби ќе бидат неприкосновени на истокот, но на западот Лејкерси ќе имаат голема конкуренција за финалето во екипите на Оклахома предводени од Дурент и Вестбрук, а од борбата за титула не смее да се исклучи и екипата на Сан Антонио Спарс со Данкан, Џинобили и Паркер. Коефициентот за титулата на Спарс според кладилниците е 13.
Сите екипи до 17 април ќе одиграат по 82 натпревари, а потоа почнува плејофот. Финалната серија ќе стартува на почетокот на јуни. „Ол стар" викендот ќе се одржи на 16 и 17 февруари во Хјустон.