Луд пресврт на Лејкерс, Леброн режираше победа после -25

Откако на 30-ти декември наполни 38 години, Леброн Џејмс како да ја крена формата во уште понагорна линија. Игра неверојатно во вториов дел од сезоната, а доказ за тоа е и синоќешниот триумф на ЛА Лејкерс над Портланд 121:112. Губеа „езерџиите“ дури 25 поени разлика на стартот на третиот период, а на крај победија. Брон уфрли 37 поени со 11 скокови и 4 асистенции.

Голема поддршка Леброн имаше од Томас Брајант кој одигра маестрална средба со дури 31 поен, а Денис Шродер додаде 24 поени. Кај Блејзерси кои не веруваа колкава предност испуштиле, Енферни Симонс беше најефикасен со 31 поен а 24 запиша Дамијан Лилард.

Франшизата од „Крипто.ком Арена“ сега има учинок од 22 победи и 25 порази, се наоѓа на 12-то место и конкурира за позиција која води во доигрување за плејофот.

 
23 јануари 2023 - 09:57