Лејкерс го сомле Мајами Хит и поведе со 1-0 во финалето

И покрај блокадата на спортскиот свет поради глобалниот вирус, и покрај проблемите во општеството, протестите и бојкотите, НБА успеа да ја спаси сезоната и да спроведе супер одличен плејоф. Во финалето Лејкерс поведе 1-0 против Мајами.

Леброн Џејмс и Ентони Дејвис уште од стартот на финалната серија му покажаа на Мајами Хит зошто веќе почнаа подготовки за прослава на титулата во Лос Анџелес.

Лејкерс со 116:98 го згромија Хит, а во еден момент разликата изнесуваше неверојатни 32 поени (87:55). Иако Мајами поведе 23-10 на почетокот, а Лејкерс ги изгубија сите три натпревари во плејофот во кои имаа минус од 10 или повеќе поени, сепак Леброн и Дејвис покажаа зошто се најдобар тандем во моментов.

Уште во првиот дел Ентони Дејвис имаше 18 поени и беше предводник на серијата која го одлепи Лејкерс на голема позитива. На крај Дејвис имаше 34 поени, 9 скока и 3 блокади за 38 минути, Леброн 25 поени, 13 скока, 9 асистенции. Добра партија пружи и Коулдвел-Поуп со 13 поени, како и Дени Грин со 11.

Кај Хит недоволен беше Џими Батлер со 23 поени, Бем Адебајо уфрли 8, Краудер 12 а Драгиќ 6. Словенецот и Адебајо доживеаа повреди и можно е да ја пропуштат серијата.