Коби: Џордан беше како постар брат

Беа споредувани како Пеле vs Марадона, Меси vs Роналдо, но во нивната споредба како да немаше тензија. За Мајкл Џордан се вели дека е најдобар кошаркар на сите времиња, а Коби Брајант барал совети од него.

НБА објави краток осврт од историјата и односите на двете легенди, насловено како „Кога судбината ги запознава најдобрите“. Од нивното прво соочување на Ол стар викендов во 1996 година, бескрајните разговори и дебатата околу споредбите и разликите кои постојат меѓу нив и кои создадоа големо влијание во кошарката.

Поводот за тоа е нивната разлика од 62 поени на вечната листа на стрелци во најсилната кошаркарска лига во светот. Брајант со 32,230 поени деновиве се очекува да го мине Џордан кој со 32,292 е трет најдобар стрелец во историјата на НБА.

За Кристијано Роналдо се пишуваше дека го исмејува Меси за висината, а Марадона за Пеле нема кажано ниту еден добар збор. На темата дека Брајант ќе стане подобар стрелец од Џордан, ѕвездата на Лејкерси изјави:

„Тој беше навистина како постар брат и тоа е можеби така бидејќи со нашиот натпреварувачки дух работите ги гледаме слично или пак тоа е разбирањето и конекцијата која ја имаме. Не знам дали е отворен повеќе со другите играчи отколку со мене, не сум сигурен во тоа и не знам дали другите имаат храброст да го прашаат за совет. Но ние имавме навистина добар однос“, изјави Брајант.

Најк веќе подготви нов модел на патики кои ќе ги пушти во продажба откако ќе се промени третата позиција на најдобри стрелци во НБА.

9 декември 2014 - 17:10